Реномираниот интернет-портал „Хендбал планет“ го објави рангирањето за Светското првенство во 2025 година, кое ќе се игра во наредниве две недели, во Хрватска, Данска и во Норвешка. Според овој портал, најголеми фаворити за освојување на медалите, кои ќе бидат доделени во Осло, на вториот ден од февруари, се селекциите на Данска, Франција и на Германија.
Хрватска има големи шанси да се пласира во полуфиналето на домашен терен, во Загреб, пред 15.000 навивачи, а тука се и Норвежаните, Швеѓаните, Египќаните…
Според прогнозите, Словенија ќе биде на позицијата број 10, додека македонската ракометна репрезентација ќе се пласира во главната фаза од натпреварувањето и ќе биде на 22. место на конечната ранг-листа. Овој пласман е за пет места подобар од претходното првенство, кое го завршивме на 27. место.
Сепак, деновите што претстојат ќе ни покажат дали ќе го освојат Данците четвртото последователно злато на СП, односно дали Хрватска на чело со Дагур Сигурдсон, по пет години, ќе биде во борбата за медали.
Што се однесува до избраниците на Кирил Лазаров, свое видување даде и поранешниот селектор на македонската репрезентација и тренер на Вардар, Веселин Вујовиќ. Тој вели дека актуелните ракометари напредуваат, а за Алкалоид вели дека е добар проект, кој може да му донесе добро на македонскиот ракомет.
– Кире Лазаров направи многу за македонскиот ракомет како играч. Тие деца напредуваат во Алкалоид, играат добар и модерен ракомет. Ниедна репрезентација на светот не постигнала успех ако немала голем клуб. Македонија го прави тоа со Алкалоид. Дали е ова моментот за нив? Не е, но ќе биде едно големо искуство. Веројатно, сметаат дека ако се најдеме во иста група, дека се екипа што може да го победи Катар, додека Катар размислува дека може да ја победи Македонија. Тоа ќе биде една вистинска ракометна претстава за сите од регионот – изјави Вујовиќ.
Македонија го игра првиот натпревар на шампионатот вечерва (20:30 ч.), против Унгарија, а потоа следуваат дуелите со Холандија и со Гвинеја.
Рангирање: Данска, Франција, Германија, Хрватска, Норвешка, Шведска, Египет, Унгарија, Шпанија, 10. Словенија, 11. Чешка, 12. Холандија, 13. Португалија, 14. Исланд, 15. Полска, 16. Катар, 17. Австрија, 18. Јапонија, 19. Италија, 20. Бахреин, 21. Бразил, 22. Македонија, 23. Тунис, 24. Кејп Верде, 25. Швајцарија, 26. Аргентина, 27. Алжир, 28. Чиле, 29. Кувајт, 30. САД, 31. Kуба, 32. Гвинеја.