Македонија ќе се европеизира или ЕУ ќе се балканизира?!

157

Процесот на пристапување во Европската Унија со ваквиот начин на одлучување се балканизираше наместо ние да се европеизираме, оцени премиерот Христијан Мицкоски. Тој повторно потенцира дека ниту еден политичар од Брисел или од светот не кажал „не“ кога им ги презентираат аргументите околу уставните измени. Во новогодишното интервју за МИА, премиерот нагласи дека треба да работиме заедно со европските партнери, но приоритет е решавање на домашните задачи. Во однос на тоа дека немаат гаранции ни другите земји кандидатки, кои може да наидат на препрека и откако ќе ги завршат преговорите поради начинот на одлучување во ЕУ, Мицкоски нагласува дека тоа е во ред доколку се ставаат тие препреки поради реални проблеми.

– Точно, се согласувам, но доколку се однесуваат тие пречки на реалните проблеми. И сега овој начин на билатерални спорови и водење политики и водење процес гледате каде нè носи. Сега Хрватска вели, Црна Гора не може да го затвори овој кластер поради тоа и тоа. Бугарија вели, не може Србија поради тие и тие причини. Сето она што започна уште во времето кога континуирано нè блокираше нашиот јужен сосед и во НАТО и во ЕУ поради билатерално прашање, тоа беше прашањето со името итн., сега полека, но сигурно стана практика. И тука е проблемот кај самата Европска Унија, мислам најголем, затоа што наместо да се видат позитивните искуства од минатото, такво едно позитивно искуство беше спорот помеѓу Хрватска и Словенија, и наместо на тој начин да се водат и овие билатерални спорови, кај нас што се случи – билатерализацијата стана алатка, односно наместо ние да станеме Европејци, Европејците станаа Балканци и тоа е најголемиот проблем сега кај нас. Практично, процесот на пристапување на преговори се балканизираше. Наместо ние да се европеизираме, процесот се балканизираше поради ваквиот начин на одлучување. Затоа мораме заедно да работиме надвор, но истовремено, ќе повторам, приоритет да ни биде решавањето на домашните задачи – истакнува Мицкоски.

За предлогот за уставни измени со одложено дејство, посочува дека сите со кои разговарале во меѓународната заедница велат, фер, разумно, тоа е тоа, но Софија не прифаќа. Премиерот посочува и дека немањето стабилна Влада кај источниот сосед го отежнува процесот. Тој е подготвен во 2025 да се сретне со високи претставници на Софија, да разговара со нив каде било на оваа тема и да ги разгледаат сите можности, затоа што, како што посочи, потребно е и двете страни да се согласни. Но, потенцира дека нема по секоја цена да бара решение што дополнително ќе ни го отежне процесот. Премиерот најави и дека на 18. овој месец заминува за САД, каде што ќе побара поддршка за евроинтеграциите и од стратешкиот партнер. Тој вели дека, покрај Брисел, Вашингтон е исклучително значајно место за државата.

И министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во новогодишната видеочеститка до граѓаните порача дека фокусот во 2025 година ќе бидат евроинтеграцијата на државата, придонесот во НАТО и цврстото партнерство со САД.

Со стартот на 2025 година, Полска го презеде кормилото на ЕУ. По Унгарија, која во текот на своето претседавање со ЕУ се обиде „да ја направи Европа одново голема“, Полска има намера да работи на тоа Европа да биде побезбедна. Токму под мотото „Безбедност, Европа!“, Варшава во текот на своето шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ планира да се посвети на седум димензии на концептот за поголема безбедност на Унијата.

Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, рече дека Лисабон верува дека проширувањето на Европската Унија е инвестиција во мирот, безбедноста и во стабилноста на континентот.

– Сакаме да се случи тоа, се надевам што е можно поскоро. Сведоци сме на зголемени геополитички тензии, ерозија на меѓународниот поредок заснован на правила и хибридни напади насочени кон европската демократија и безбедност. За Европа, ова е време на одлука. Европската Унија мора да се заштити себеси и своите граѓани и да се грижи за своето непосредно соседство. Таа мора да им даде на Европејците чувство на сигурност и перспективи за развој – рече Сикорски.

Тој додаде дека Полска, во текот на своето претседателство, ќе обезбеди „соодветна брзина и квалитет на проширувањето на Европската Унија кон исток и кон југ“.

– Нашата цел е да постигнеме напредок во однос на Украина, Молдавија, како и на Западен Балкан. Напредокот во процесот на пристапување треба да биде сразмерен со постигнувањата на земјите кандидати за членство во ЕУ – рече Сикорски.

Постојаната полска претставничка во ЕУ, Агњешка Бартол, најави дека проширувањето на Унијата претставува геополитички приоритет за Полска, додавајќи дека кон пристапниот процес Варшава „има намера да заземе балансиран пристап, особено за Западен Балкан“. Се очекува Полска особено да посвети внимание на пристапниот процес на Украина, која во текот на белгиското претседавање со ЕУ во првата половина на 2023 година доби одлука за старт на преговорите и веќе го започна скрининг- процесот. Како што најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на декемврискиот самит на Унијата, многу веројатно Украина ќе ги започне преговорите по првиот кластер Основни вредности во првите месеци од 2025 година. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ