Европската Унија усвои нова Регулативата за пратките на отпад (увоз, извоз и транзит на отпад) со која треба да се зајакне спроведувањето на законодавството во насока на спречување на илегален извоз на отпад од земјите членки на ЕУ и во трети земји, а со цел да се осигура еколошки здраво управување со пратките на отпад во ЕУ и надвор од ЕУ.
Регулативата наметнува нови правила за увоз/извоз/транзит на отпад и за земјите што не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во која група припаѓа и Република Македонија.
Почнувајќи од 21 мај 2027 година, Европската Унија воведува построги правила за извоз на неопасен отпад. Имено, извозот на неопасен отпад, или познат како отпад од „зелена листа “, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите, кои иако не се членки на ОЕЦД, имаат капацитети кои ги исполнуваат условите за заштита на животната средина за преработка на овој отпад. Имено, сите земји кои сакаат да увезуваат неопасен отпад од ЕУ потребно е да ја известат Европската Комисија за нивната подготвеност и да ја потврдат нивната способност да го управуваат отпадот на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството – информираат од Министерството за животна средина.
Иако новата Регулатива стапи на сила на 20 мај 2024 година, повеќето одредби ќе се применуваат од 21 мај 2026 година, а повеќето правила за извоз ќе се применуваат од 21 мај 2027 година.
Согласно регулативата почнувајќи од 21 ноември 2026 година, ќе има целосна забрана за извоз на отпад од пластика до 21 мај 2029 година, вклучувајќи го и неопасниот отпад од пластика (Б3011). Б3011 е специфичен код за отпад според Базелската конвенција што класифицира одредени видови на отпадна пластика за рециклирање
– По овој период (21 мај 2029 г.), земјите кои не се членки на ОЕЦД, заинтересирани за увоз на отпад од пластика, ќе бидат поканети да ја известат Европската комисија и да го покажат својот капацитет да управуваат со таков отпад на еколошки здрав начин, со цел да бидат вклучени во листата на земји кои не се членки на ОЕЦД, а во кои отпадот од пластика ќе може да се извезува од ЕУ. Ова Барање за увоз на отпад од пластика од ЕУ ќе може да го опфати само неопасниот отпад од пластика (Б3011) – објаснуваат од МЖСПП.
Согласно новата Регулатива, за да може да се увезува отпад од ЕУ, Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежен орган за увоз, извоз и транзит на отпад, го пополни Барањето кое е дел од Прилогот 8, кој е составен дел од новата Регулатива, во соработка Државниот инспекторат за животна средина, Царинската управа и Министерството за економија и труд и се подготвува (преку Владина процедура) да го достави до Европската Комисија најдоцна до 20 февруари 2025 година (како е побарано од страна на Европската комисија).
– Врз основа на ова Барање, Европската комисија ќе одлучи дали Република Македонија ги исполнува условите за управување со отпад и во зависност од тоа ќе одлучи дали земјата ќе биде дел од Листата на земји кои ќе можат да вршат увоз на отпад од ЕУ. Видовите на неопасен отпад за кои Република Македонија и ќе бара да се дозволи увоз од ЕУ, се дадени во Табела 1. Табелата е изготвена врз основа на податоците за увоз на отпад во земјата за изминатите години, а со кои располага МЖСПП – велат од ресорното министерство.