Земјите членки на ЕУ немале заеднички став и логично било да се поддржи резолуцијата на САД, појасни премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање на Славјанка Петровска од СДСМ за гласањето за резолуцијата за Украина. Мицкоски праша од собраниската говорница, ако биле против, зошто земји членки на ЕУ не гласале така во Советот за безбедност на ОН.
– Одлуката беше таква, затоа што имавме избор дали да застанеме меѓу првите во редот заедно со нашиот стратешки партнер САД или да поддржиме заеднички став на Европската Унија. Кога видовме дека нема заеднички став во Европската Унија за резолуцијата, беше логично да застанеме зад резолуцијата што ја предложија САД – изјави премиерот Мицкоски.
Како што кажа, во Советот за безбедност има постојани и земји членки што се менуваат.
– Прашањето е зошто тие земји членки што се постојани или повремени, а се дел од ЕУ, не го блокираа носењето на резолуцијата на САД. Зошто не гласаа против? – рече Мицкоски.
Тој додаде дека тие земји во наредниот период ќе го посетат Вашингтон со цел да се постигне одржлив мир.
– На крајот од тој процес, ќе има резолуција што ќе наликува на оваа од Америка, на која ние, како држава, сме коспонзори, резолуција што сите ќе ја поддржат – смета премиерот.
Македонија, во целосна координација со САД, повтори Мицкоски, гласаше воздржано за изменетата резолуција, која претходно помина во Советот за безбедност.
– Гледам дека денес сите во светот зборуваат за мир во Украина. Ако зборуваме за мир во Украина, а не сме со двојни стандарди, тогаш ајде да работиме за мир. Како се работи на мир? Се седнува, се разговара и се преговара. Се прогласува прекин на огнот на двете страни и се седнува на маса. Тоа е начинот како да се постигне мир и се разговара сè до моментот додека не се постигне мир. Со воени дејства на терен, со жртви, со раселени – не се постигнува мир. Токму тоа е резолуцијата на САД. Гледајте, што ќе се случи за неколку месеци – рече Мицкоски.
Тој посочи дека ако згрешил, подготвен e да се извини.
– Но, ако излезе вака како што ви кажувам, тогаш ќе треба нова прес-конференција на вашиот претседател, само овој пат да не го „избањате“, да му ги кажете реално работите и да се извините – ѝ порача Мицкоски на пратеничката од СДСМ, Петровска.
Во контекст на двете резолуции, и британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, рече дека Украина секогаш била приоритет за Обединетото Кралство и истакна дека Велика Британија и Македонија, како НАТО-партнери, имаат заеднички цели.
– Со македонската Влада, можеби, ќе имаме различно мислење за некои меѓународни прашања, но, како партнери во НАТО, имаме заеднички цели и заеднички ќе ги остваруваме, особено оние што се однесуваат за поголема сигурност и безбедност во регионот – рече Лосон.
Претходно, коментар даде и францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер, кој на новинарско прашање дали позиционирањето на земјава за резолуциите на ОН може да се одрази на нашиот евроинтегративен пат, рече дека одлуката на Македонија за гласањето за резолуциите била неочекувана, но дека има и поважна тема, а тоа е вредноста што Европа ја дава на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негираат неговите постоење, идентитет и јазик. (В.С.Н.)