Македонија има силни инвестициони планови во модернизација на транспортната мрежа и во таа насока се реализираат крупни инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат конкурентноста на транспортот во регионот посебно на европските коридори, истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски на средбата со својот колега, министерот за градежништво и инвестиции на Унгарија, Јанош Лазар како и со министерот за национална економија, Мартон Наѓ во Будимпешта.
– Македонија е силно посветена на изградба на брза пруга на Коридор 10 и квалитетно поврзување на Скопје со Будимпешта и затоа огромна е важноста на поддршката на земјите од Европската Унија за реализација на еден ваков проект – истакна Николоски.
Исто така, на средбата министрите разговараа и за можноста за реализација на заеднички проекти од регионален интерес, зголемување на трговската соработка и инвестициите. Министерот исто така информираше и за забрзаните активности за реализација на крупните капитални проекти во Македонија, потенцирајќи дека средствата од заемот веќе се насочени кон општините за реализација на инфраструктурни проекти.
– Овие средби со нашите унгарски пријатели ќе донесат големи придобивки за Македонија и регионот. И веќе македонските граѓани ги чуствуваат тие придобивки. Алоциравме 100 милиони евра кон општините за нивен развој токму преку финансиската подршка од Унгарија, а оваа година веќе 250 милиони евра се ставени на располагање исто така за проекти во општините. Имаме одлични економски и билатерални односи со Унгарија, оваа година бележиме три децении од тие односи и сметам дека тоа е плод на заедничките политики. Ова е време кога се потребни силни пријатели, а Унгарија е силен партнер на Македонија и голем подржувач во реализација на стратешките цели на земјата – истакна Николоски.