МАКЕДОНИЈА ГИ СТАРТУВА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2026: Лихтенштајн како загревање за Велс

119

Охрабрена од одличните резултати во последното издание на Лигата на нации, како и од позитивните промени кои се случуваат во Фудбалската федерација, репрезентацијата на Македонија денеска (15:00 ч.) ќе ги стартува квалификациите за престојното Светско првенство кое ќе се одржи во 2026 година во САД, Канада и Мексико.

Прв противник на избраниците на Благоја Милевски е репрезентацијата на Лихтенштајн која ќе биде домаќин, но спортската јавност во нашата земја со право очекува сигурен триумф на „црвено-жолтите“.

Централниот дефанзивец, Јован Манев, зборуваше за претстојниот предизвик, но и за тешките моменти низ кои поминува тој и целата нација по големата трагедија што ја потресе јавноста. Со емоции, тој истакна дека доколку добие шанса ќе даде се од себе на теренот, посветувајќи го настапот на оние кои повеќе не се со нас.

“Ова се многу тешки денови за мене и за сите нас. Изгубив, изгубивме сите блиски пријатели, но тие би сакале да продолжиме и да бидеме овде, да се бориме за нашата земја, за нашата репрезентација. Ќе ни недостасуваат засекогаш и никогаш нема да бидат заборавени и затоа ако ми се укаже шанса, исто и на моите колеги, ќе го дадеме максимумот за сите нив. Во чест на нив. И ова е шанса да покажеме карактер и сплотеност сите заедно и така да постигнеме резултати, најпрво за нив“, изјави емотивно Јован Манев.

Селекторот на Лихтенштајн, Конрад Фунфструк, пак призна дека заради аматерскиот статус на играчите, неговата екипа е аутсајдер против секого во овој циклус на квалификации.

„Ако се држиме според планот за игра, ќе успееме да дојдеме до нашата цел, тоа е да им направиме што е можно повеќе потешкотии на противниците. Ние сме аутсајдери во секој меч, ама не го криеме тоа. Македонија вреди многу повеќе од овој тим на Лихтенштајн. Ама и покрај тоа сакаме да одиграме убав меч пред нашите гледачи и да покажеме напредок и убав фудбал“, изјави селекторот на Лихтенштајн.

Милан Ристовски и Лирим Ќамили нема да бидат во составот на македонската репрезентација за денешниот натпревар против Лихтенштајн, а како замена, селекторот дополнително го повика Давид Тошевски од Австрија Клагенфурт.

На 25. март, нашиот национален тим на националната арена „Тодор Проески“ ќе ја нагости селекцијата на Велс.

 

ИЗДВОЕНИ