Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, г-ѓа Сања Божиновска, учествуваше на министерскиот состанок во рамките на климатскиот самит КОП 29 во Баку, Азербејџан, каде што ги потврди активното учество и поддршката на Македонија за две клучни иницијативи: COP29 Green Energy Pledge: Green Energy Zones and Corridors и COP29 Global Energy Storage and Grids Pledge.
– Овие иницијативи се од витално значење за регионалната енергетска трансформација, а Македонија е посветена на нивната имплементација – потенцираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Во рамките на иницијативата „Green Energy Pledge“, земјите ќе соработуваат за создавање зелени енергетски коридори и зони. Овие коридори ќе ги интегрираат обновливите извори во националните и во регионалните електромрежи, поттикнувајќи енергетска стабилност, одржлив економски раст и нови работни места, притоа намалувајќи ги емисиите на стакленички гасови. Македонија, преку Стратегијата за енергетика до 2040 година и Националниот план за енергетика и клима, веќе работи на зголемување на капацитетите за обновливи извори на енергија, како и на создавање инфраструктура за зелени зони и индустриски паркови што користат обновлива енергија.
Истовремено, со поддршката на иницијативата „Global Energy Storage and Grids Pledge“, земјите се обврзуваат за инвестирање во нови капацитети за складирање енергија и за модернизација на електричната мрежа, со цел постигнување глобален капацитет од 1,500 ГЊ за складирање енергија до 2030 година. Ова ќе овозможи сигурно и стабилно снабдување со енергија и поефективна интеграција на обновливите извори во електромрежите.