Македонија треба да биде меѓу првите земји кои ќе го запоседнуваат теренот во „новото нормално“, коешто ќе го преплави светот по доаѓањето на новата администрација на САД, предводена од претседателот Доналд Трамп. Тоа е и целта на интензивното дејствување на македонската Влада поради што Македонија веќе сега е меѓу првите земји кои се позиционирани во новите промени коишто се случуваат во светската политика. Односно, веќе има предност во однос на другите земји во новите промени што се случуваат во светската геополитика. Вакви согледувања за позиционирањето на Македонија во рекомпонирањето на односите во глобалната светска политика, што ги покренува Доналд Трамп, денеска ги изнесе македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Само петнаесетина минути откако се вратил во Скопје по престојот и средбите во Вашингтон Мицкоски се појави во скопската општина Гази Баба за да присуствува на почеток на реконструкцијата на општинскиот Дом на културата. На новинарските прашања врзани за резултатите на неговите средби во Минхен и во Вашингтон тој рече дека главната цел му е „преку пркос“ да ја раскаже вистината за Македонија и фрустрацијата која ни ја прават блокираните евроинтеграции.
-Бев десет дена во Минхен и во Вашингтон. Целта е во што повеќе места, во повеќе центри и пред што повеќе кредибилни соговорници, се раскаже онаа вистинска вистина за Македонија и сето она што се случуваше. Често пати велам, да, добро е да победуваме, овде во Гази Баба, да градиме културен дом, да градиме булевари, градинки, училишта, добро е и да победуваме во Скопје, Тетово и во Струмица и насекаде во Македонија. Но, мораме да почнеме да победуваме во Вашингтон, Брисел, во Берлин, Париз, Рим, Лондон, секаде онаму каде што досега, за жал, поради неодговорни политичари во минатото не сме имале амбиција да победуваме. Нашата визија е таква да се обидеме преку пркос да прикажеме вистинската вистина којашто нас Македонците посебно, а и граѓаните во Македонија, нè боли затоа што тоа е вистината што ја чувствуваме сите ние и тоа создава една фрустрација. Ќе продолжиме и натаму да се бориме сè додека нормално, се занимаваме со оваа работа, додека ја предводам Владата, ќе се борам за вистината за Македонија и за подобар живот на граѓаните – рече тој.
На прашањето дали и каква конкретна помош добил во САД и дали со оглед на неговото аплаудирање на говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс Македонија и се придружува на крајната десница, Мицкоски одговори дека добил конкретна поддршка.
-Добиваме ние од сите страни конкретна поддршка. Никој не рекол, извинете, не Ве поддржуваме. Сите ги разбираат нашите аргументи, сите зад нас застануваат, ни велат тоа е вистината, доста од двојни стандарди, потребно е да одите напред, но за жал, има некои земји членки во ЕУ, конкретно една земја членка која сите ја знаеме и наместо да работиме во 21 век, ние мора да се враќаме назад во средновековието и во 11- 12 век. Отприлика таа е реалноста. И сите со симпатии, би рекол, гледаат кон оваа малубројна земја во срцето на Балканот со прекрасни граѓани. Инаку, не би се согласил дека потпретседателот Венс е крајна десница ако некој ја говори вистината и ако таа вистина содржи вистински примери каде што јасно се прикажуваат двојните стандарди – нагласи македонски премиер.
Тој потенцира дека на вистината треба да и погледне во очи и да се бара начин да аргументирате и да се борите ако таа вистина сакате да ја промените.
-Тука ние не треба да сме загрижени. Јас во Вашингтон разговарав со десетици луѓе, таа е линијата, тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и коешто ќе го преплави светот, да знаете, тука нема играње. Сега ние сме тие први што го запоседнуваат теренот. Тоа е мојот начин на работа јас прв, нема втора шанса за прв почеток. Запоседни го теренот, после кој и да дојде треба да се реди зад тебе. Ние мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во тоа некое ново нормално. Таа е кампања што јас ја водам. И од друга страна мораме да кажеме која е нашата фрустрација и болка. Ако некому му пречи тоа што го кажа Венс, и мене ми пречи што дваесет години не можам ни за милиметар да се мрднам, не затоа што не сум добар туку што некој треба да решава прашања од 11 и 12 век сега во 21 век. Сега не треба да бегаме ние од тоа, треба да ја кажеме таа вистина. Можеби не е убава за слушање, но тоа е тоа – нагласи Мицкоски.
Во Вашингтон Мицкоски имаше настап на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативните партии на којашто беше претставен како поддржувач на политиката на Доналд Трамп, а Македонија како еден од големите стратешки партнери на Америка. При неговиот настап публиката со аплауз ја наградила забелешката на водителката на интервјуто, кога забележа дека токму премиерот Мицкоски бил единствениот на Минхенската безбедносна конференција којшто аплаудирал на говорот на американскиот потпретседател Венс.
-За мене тоа беше историски настан и според моето скромно мислење, може некои европски политичари ќе ми се налутат, тој негов говор беше многу инспиративен – забележа Мицкоски.
Коментирајќи ги изјавите на некои од присутните дека говорот на Џеј Ди Венс бил мешање во внатрешните работи на суверени земји, Мицкоски рече дека на панел-дискусија во Минхен потсетил на фактот дека од почетокот на независноста, заради остварување на стратешките цели да биде полноправна членка на НАТО и на ЕУ, Македонија ги смени своето знаме, својата валута, своето име и својот Устав, поради тоа што некои наши соседи го злоупотребиле своето членство во овие организации за да наметнат билатерални барања.
– Ако ова не е мешање во внатрешни работи на една суверена земја, тогаш што е? За што зборуваме ние? – праша Мицкоски.
Тој рече дека ние повторно сме под притисок да го смениме Уставот.
– Тоа не е фер. Не е фер кон една мала земја која сака да стане членка на ЕУ. Вредностите на ЕУ не се билатерализација на пристапниот процес – нагласи Мицкоски. (Б.Ѓ.)
В петок средба со турскиот претседател Ердоган
Тој додаде дека смета оти вистинскиот начин за борба е да се оди во светските центри, да се седне со луѓе и очи во очи да им зборувате, да се борите и аргументирате.
-Јас мислам дека тоа е вистинскиот начин. Дали ќе се смени нешто не знам, но дали ќе се борам, јас ви гарантирам дека и понатаму ќе се борам, уште повеќе… Еве, во петок е потврдена посетата одам кај претседателот на Турција на приватен ручек со господин Ердоган, таму ќе имам и ќе разговараме за потврда на стратешкото партнерство помеѓу Македонија и Турција. Понеделник – вторник патуваме за Будимпешта на меѓувладина конференција и од таму ќе испратиме пораки. Мораме да градиме сојузништво. Треба да разбереме дека ова е новото нормално во светот – нагласи македонскиот премиер.