Македонија е коспонзор на резолуцијата што ја поднесоа САД во Генералното собрание на ОН за Украина со која се бара брзо да се стави крај на „конфликтот“, како што стои во текстот на Резолуцијата, потврди вчера македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Зад оваа Резолуција не застанаа голем број земји поради тоа што досегашната терминологија за воена агресија од страна на Русија се заменува со воен судир и конфликт. Ваквиот чекор, од страна на САД, испровоцира контра-резолуција од Украина и ЕУ предводена од Германија и Франција. Американската нацрт-резолуција е помалку критички настроена кон руската инвазија врз Украина, додека текстот што во исто време го поднесува ЕУ е со строга реторика кон Москва. Одбележувањето на третата годишнина од руската инвазија врз Украина, на 24 февруари ги подели ЕУ и САД, а со заземањето на ставот, Македонија првпат отстапува од пофалената стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Унијата кон која стратешки целиме како држава.
-Така одлучивме, да бидеме коспонзори на Резолуцијата што ја поднесуваат САД во ОН. Очекувам таа да биде поддржана од мнозинството на ОН, рече денеска премиерот Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање зошто земјава ја поддржала американската Резолуција.
Најавено е дека Советот за безбедност на ОН денеска попладне ќе гласа за неутрална нацрт-резолуција за Украина предложена од САД.
САД во четвртокот одбија да го поддржат текстот подготвен од Украина и ЕУ и првпат не се коавтор на нацрт-антируската резолуција на Генералното собрание на ОН за Украина, туку во документот предложен од нив не се обвинува Русија за почеток на конфликтот. Во текстот на резолуцијата се изразува тага во врска со трагичната смрт на луѓето во руско-украинскиот конфликт и се апелира за негов што побрз крај.
Американскиот државен секретар Марко Рубио ја нарече резолуцијата „едноставна и историска“ и ги повика членките на ОН да ја поддржат „со цел да се зацрта патот кон мирот“. Спротивно на тоа, нацрт-резолуцијата од Европската Унија и Украина се однесува на „целосна инвазија на Украина од страна на Руската Федерација“ и бара итно и безусловно повлекување на сите сили на Москва.
Покрај Македонија, коспонзори на американската резолуцијата се и Израел, Грузија и Унгарија.