Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, во рамките на климатскиот самит во Баку, Азербејџан, се сретна со претставници на Секретаријатот на Енергетската заедница, а оствари и билатерална средба со директорот на Европскиот секретаријат за енергетика, Артур Лорковски.

Средбата беше фокусирана на теми од стратешко значење за регионот, меѓу кои напредокот на земјите во областа на енергетиката и заштитата на животната средина, интеграцијата на пазарите за природен гас, како и поддршката за транзиција кон зелена енергија.

Господинот Лорковски ја нагласи посветеноста на Енергетската заедница за унапредување на енергетската соработка и поддршка на регионот во спроведувањето на политики за поставување цена на емисиите на јаглерод, што претставува клучен чекор во насока на енергетска интеграција со Европската унија. Воедно, оваа иницијатива е значаен дел од Европскиот зелен договор, кој се имплементира со цел да се обезбеди долгорочна енергетска безбедност и одржливост во регионот.

Министерката Божиновска изрази поддршка за заедничките иницијативи и истакна дека нашата земја останува силно посветена на приспособување на националните енергетски политики кон европските стандарди, со цел да се поттикне економски раст и да се зачува природната средина за идните генерации.

– Ние остануваме активен партнер на Енергетската заедница и посветени сме на постигнување на заедничките цели во енергетската транзиција – истакна министерката Божиновска, подвлекувајќи дека нашата земја ги вложува сите напори за промените да бидат правовремени и ефективни.

Министерката Божиновска го информираше директорот дека предлог Законот за енергетика е поставен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) и сите може да се запознаат со содржината на предлог текстот. Директорот Лорковски изрази задоволство и најави дека тој и неговиот тим ќе го разгледаат предлог законот и ќе дадат нивни предлози, а со цел законот да е усогласен со ЕУ легислативата.