Според студијата, државната помош се движи од под 0,5 отсто од БДП во Косово и Албанија, до 5,9 отсто од БДП во Србија (податоци се од 2022), а Македонија, пак, доделува државна помош од 1,9 отсто од БДП. – Генерално во сите земји постојат голем број мерки на државна помош насочени кон три сегменти: земјоделци, домашни компании и странски компании. Во одредена мера, мерките се слични помеѓу земјите, особено оние што се насочени кон земјоделци и кон странските компании што оперираат во слободните економски зони, се посочува во студијата
Македонија за државна помош издвоила 253 милиони евра. Таа сума е помала отколку во Србија, а повеќе е од Косово и Албанија, покажала анализата што ја направи „Фајнанс тинк“ заедно со мрежата на тинк тенкови од Западен Балкан, WebEcon. Државната помош во регионот според студијата што денеска беше презентирана дава податоци за видовите, износите и мерките на државна помош што владите од шесте земји на Западен Балкан им ги нудат на домашните и странските компании, со цел поттикнување на иновативноста, технолошкиот напредок, продуктивноста и сл.
Според студијата, државната помош се движи од под 0,5 отсто од БДП во Косово и Албанија, до 5,9 отсто од БДП во Србија (податоци се од 2022), а Македонија, пак, доделува државна помош од 1,9 отсто од БДП.
– Генерално во сите земји постојат голем број мерки на државна помош насочени кон три сегменти: земјоделци, домашни компании и странски компании. Во одредена мера, мерките се слични помеѓу земјите, особено оние што се насочени кон земјоделци и кон странските компании што оперираат во слободните економски зони. Ниската транспарентност, недостигот од информации поврзани со мерките и за износот на доделена помош е уште една сличност помеѓу анализираните земји – беше истакнато на презентацијата на студијата.
Резултатите покажуваат дека државната помош доделена на земјоделците опфаќа повеќе од половина од вкупниот износ на државна помош во четири земји (Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија). Од друга страна, доделената државна помош не може да се поврзе со зголемено растително и сточарско производство, што укажува на потребата да се преиспита целта, моделот и начинот на распределба на овој вид државна помош. На пример, иако помошта за поддршка на растителното производство варира од година во година, производството е релативно стабилно.
Државната помош за поддршка на домашните компании, пак, се разликува помеѓу земјите. Над половина од помошта за домашните компании во Албанија е насочена кон преработувачката индустрија и туризмот. Србија е единствена земја што издвојува поголем дел од државната помош за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија. Во Македонија, над 90 отсто од помошта е наменета за сите сектори, а остатокот е насочен кон преработувачката индустрија, енергетскиот сектор и туризмот. Слично е и во Босна и Херцеговина и Косово.
– Доделената државна помош не треба да биде социјална помош за компаниите. Таа треба да води кон зголемена продуктивност, иновативност, конкурентност, работни места, технолошки развој на компанијата примател и на економијата во целина – беше посочено на презентацијата.
Притоа, како што беше истакнато, зголемениот износ на државна помош доделена за иновации е поврзан со подобар ранг на македонската економија на Глобалниот индекс на иновации. Воведувањето помош за нови старт-ап и спин-оф компании е поврзано со зголемен број новоосновани компании. Од друга страна, иако помошта за нови вработувања и обука и специјализација на вработените контирнуирано се зголемува, продуктивноста на трудот во земјава не се подобрува.
Сите земји од Западен Балкан, со исклучок на Косово, нудат широка лепеза на атрактивни мерки за привлекување и поддршка на странски инвеститори. Шемата за државна помош на странските инвеститори во Македонија е оценета како најтранспарентна, едноставна и атрактивна, во споредба со останатите земји.
– Компаниите лоцирани во слободните економски зони, се ослободени од плаќање даноци на имот, корпоративен, персонален и данок на додадена вредност, добиваат поддршка за нови вработувања и субвенционирани придонеси, а уживаат и приоритетен третман при извршување на административни обврски, бесплатен приклучок до комуналии и долгорочен бесплатен закуп на земјиште. Сите странски компании, без разлика на локацијата, може да ги користат мерките предвидени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои според анализата опфаќаат две третини од државната помош доделена на странските инвеститори – се вели во анализата.
Се препорачува државната помош да се насочи кон стратешки сектори, преку промовирање иновации, дигитализација и одржливост.
– Во иднина, помошта треба да се насочи кон сектори како зелени технологии, обновлива енергија и дигитална инфраструктура, со цел позиционирање на земјите како конкурентни играчи на глобалниот пазар. Да се зголеми транспареноста и отчетноста на надлежните институции преку воведување поробустни механизми за мониторинг и известување за видовите и износите на доделена државна помош – се наведува во анализата.