Македонската машка ракометна репрезентација се најде на 19. место на најновата ранг-листа на Европската ракометна федерација (ЕХФ). „Црвено- жолтите“ се на 19. Место, со вкупно 27,75 бода. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров одлично се покажаа на Светското првенство во Вараждин, каде што забележаа две победи, две нерешени и два порази, со кои завршија на петнаесеттото место на Мундијалот.
Следен предизвик на македонската ракометна репрезентација ќе ѝ биде двомечот со Словенија, во квалификациите за Европското првенство во 2026 година. Прво, на 12 март, ќе ги пречекаме „змајчеките“ во Скопје, а четири дена подоцна се игра реванш- натпреварот во Копер.
Што се однесува до врвот на листата, тука е кристално јасно. На врвот од најновата ранг-листа на ЕХФ, очекувано, се најде старо-новиот светски шампион, Данска, а зад неа следуваат: Франција, Германија, Шведска, Хрватска и Унгарија. Седмото место ѝ припаѓа на сензационалната Португалија, која играше мундијалско полуфинале, а првата десетка ја комплетираат Норвешка, Исланд и Шпанија.
Женската ракометна репрезентација на Македонија, на најновата листа на ЕХФ, исто така е на деветнаесеттата позиција, со вкупно 23 поени, а едно место погоре е селекцијата на Исланд, која има бод повеќе. Убедлив лидер е Норвешка со 116 поени, а во топ-10 се уште и репрезентациите на: Франција, Данска, Шведска, Холандија, Германија, Унгарија, Црна Гора, Шпанија и Словенија.
Неодамна, нашите репрезентативки настапија на Европското првенство, каде што освоија еден бод во групата А, во конкуренција на Унгарија, Турција и на Шведска. Следен предизвик е бараж-дуелот против Полска за пласман на Светското првенство.