Три централни банки од регионот викендов официјално доставија барања за членство до Европскиот совет за плаќања за членство во СЕПА, додека останатите земји се во процес на подготовка на барањата. Единствената област за плаќање во евра, што е долгото име за СЕПА, ќе ги забрза и драматично ќе ги поевтини трансакциите кон европските земји и за граѓаните и за фирмите
Во првиот круг, членство во СЕПА очекуваат Македонија, Албанија и Црна Гора. Вкупните заштеди, на ниво на цел Западен Балкан, се проценуваат на околу половина милијарда евра годишно.
Вицегувернерите на централните банки од регионот на состанокот во Будимпешта на кој учествуваше и вицегувернерката на Народната банка на Македонија, Емилија Нацевска, истакнаа дека посветено работат на усогласувањето на правната рамка со европското законодавство и изразија очекување за успешно завршување на формалниот процес за пристапување во СЕПА.
Во очекување на позитивна оцена за поднесените барања за членство во СЕПА, вицегувернерите ја нагласија потребата од продолжување на добрата соработка помеѓу централните банки од регионот, како и со институциите на Европската Унија, заради ефикасна подготовка на давателите на платежни услуги во наредниот период за исполнување на барањата за оперативно приклучување во СЕПА, откако ќе заврши формалниот процес на оцена на барањата.
Членството во СЕПА ќе донесе бројни придобивки за граѓаните, фирмите и целокупната економија. Давателите на платежни услуги со приклучувањето кон платните системи во СЕПА ќе можат да понудат поевтино и побрзо извршување на плаќањата во евра, што ќе овозможи поголема финансиска интеграција меѓу земјите од регионот, како и со останатите земји од СЕПА. Воедно, со членството во СЕПА би се намалила сивата економија за 2 процентни поена во регионот на Западен Балкан, според процените на Светската банка.