Раст на бројот на фиксни телефонски линии, а благ пад на претплатниците во мобилната телефонија, покажа најновиот извештај на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за 2024 година.

Според податоците, лани корисниците помалку разговарале на телефон, и во фиксната и во мобилната телефонија. Така, корисниците во просек зборувале 12,56 минути преку фиксна линија месечно, при што најголемиот дел од сообраќајот или 4,33 минути бил остварен во рамките на иста фиксна мрежа. Разговорите кон други фиксни мрежи изнесувале 1,70 минути.

Што се однесува до сообраќајот во сопствената мобилна мрежа, разговорите во просек траеле 3,21 минута, а сообраќајот кон другите мобилни мрежи во земјава изнесува 3,14 минути и 0,18 минути кон мрежите во странските држави. Ако се спореди со 2023 година, може да се забележи намалување на волуменот на сообраќај кон сите дестинации.

Во извештајот е наведено дека пристапот до јавна телефонска мрежа на фиксна локација бројот на фиксни линии (сите технологии) во 2024 година е зголемен за 1,96 отсто во споредба со 2023 година.

– Бројот на PSTN-линиите во однос на 2023 година се намалени за 27,88 отсто. Бројот на (VoIP) линии преку бакарна мрежа се намалил за 7,48 проценти, за период од една година. Бројот на линии преку безжичните технологии во 2024 година изнесувал 95.108, односно може да се забележи раст од 4,56 во однос на 2023 година. Голем дел од кабелските оператори им ја изнајмуваат својата мрежа на нотифицираните оператори што се активни на пазарот на фиксната телефонија и ја обезбедуваат услугата на пристап до јавната телефонска мрежа на фиксна локација – се нагласува во извештајот на АЕК.

Значителен раст од 17,34 % е забележан и кај фиксните линии преку оптичката мрежа (FTTH), кои во 2024 година достигнале 130.344 корисници.

Во однос на мобилните мрежи, бројот на активни претплатници во 2024 година се намалил за 0,04 % во споредба со претходната година. Додека резиденцијалните постпејд корисници бележат раст од 3,38 %, деловните претплатници се намалиле за 0,14 %.

Овие податоци покажуваат дека фиксната телефонија сè уште има своја улога на пазарот, додека мобилните комуникации забележуваат стабилизација, со тренд на намалување на вкупниот број разговори.

 

ИЗДВОЕНИ