Македонците не се откажуваат од зимување во Банско, Боровец и Пампорово

И покрај тоа што се очекуваше дека интересот за зимување во Бугарија ќе биде помал, сепак, од туристичките агенции го велат спротивното. Овие туристички дестинации се високо на листата на македонските туристи поради близината, долгите скијачки патеки и убавите пејзажи. Освен тоа, имаат прифатливи цени, добри услуга и храна, практично добиваш најмногу за парите. – Нема политика во туризмот, туку се гледа што добиваш за парите што ги плаќаш. Ако зборуваме од тој аспект, туристичките центри во Бугарија се атрактивни за македонските туристи, бидејќи навистина го добиваш она што го плаќаш. И Копаоник ни е блиску, но е многу поскап. Така, на пример, за Копаоник ќе платите 360 евра за лице од ден, што е далеку поскапо во споредба со Пампорово, каде што за полупансион ќе платите помалку од 100 евра за двајца – вели за весникот ВЕЧЕР Трајан Дренковски, туристички работник

292

Македонските туристи и оваа зима не се откажуваат од Банско, Боровец и од Пампорово. И покрај тоа што се очекуваше дека интересот за зимување во Бугарија ќе биде помал, сепак, од туристичките агенции го велат спротивното. Овие туристички дестинации се високо на листата на македонските туристи поради близината, долгите скијачки патеки и убавите пејзажи. Освен тоа, имаат прифатливи цени, добри услуга и храна, практично добиваш најмногу за парите. Оттаму додаваат дека годинава е голем интересот и за бањите во Србија, кои се доста посетени од македонските туристи во текот на целата година.

– Бугарските туристички центри и бањите во Србија се најбарани оваа зима. Најголема побарувачка има за Пампорово, а потоа за Банско и за Боровец. Но за разлика од лани, сега немаме аранжмани од по неколку дена, туку сè се сведува на индивидуални побарувања. Има голема побарувачка и за бањите околу Копаоник. Бањите се поскапени од лани. Така, на пример, за четири дена со појадок, вечера и превоз, ќе платите 240 евра. Цените варираат во зависност од времето кога се оди и од категоризацијата на хотелот. Има хотели што се со пониска категоризација и каде што цените се пониски за 20 до 30 евра. Така, на пример, во Пампорово, кое е целосно распродадено за јануари, полупансион за двајца чини 90 евра – вели за весникот ВЕЧЕР Трајан Дренковски од една скопска туристичка агенција.

Тој вели дека Банско, Боровец, Пампорово… се познати по своите скијачки патеки, убави пејзажи и прифатливи цени и дека поради тоа привлекуваат значителен број македонски туристи.

– Нема политика во туризмот, туку се гледа што добиваш за парите што ги плаќаш. Ако зборуваме од тој аспект, туристичките центри во Бугарија се атрактивни за македонските туристи, бидејќи навистина го добиваш она за што плаќаш. И Копаоник ни е блиску, но е многу поскап од бугарските туристички центри. Така, на пример, за седум дена со појадок и со вечера за двајца во хотелот „Горски“ на Копаоник, ќе платите 2.572 евра, односно 360 евра од ден, што е далеку поскапо во споредба со Пампорово, каде што за полупансион ќе платите помалку од 100 евра за двајца – вели Дренковски.

Сепак, од туристичките агенции велат дека нема голема побарувачка за зимските туристички аранжмани, бидејќи оние што одат на скијање, сами си букираат.

– Повеќето се „индивидуалци“, кои одат на скијање во Србија, Италија, Австрија… Има интерес и за бугарските туристички центри, но немаме закупи на хотели, туку сè е сведено на индивидуални аранжмани со сопствен превоз. Има хотели што ги нудиме, но немаме пакет аранжмани како порано, туку се приспособивме на потребите на клиентите. Најевтини се аранжманите за Банско, кои чинат 30 евра од ден за лице, во зависност од категоризацијата на хотелот. Цените за хотелите на Копаоник што се наоѓаат кај ски-центарот се многу повисоки. Ние имаме понуда за поевтините хотели во туристичката населба Брзече, каде што цените се од 40 евра за лице, па нагоре – вели за весникот ВЕЧЕР Маја Димитровска од туристичка агенција.

Таа вели дека има голема побарувачка и за бањите во Србија, Врњачка Бања, Пролом, Луковска Бања… а цените се од 30 евра на ден, па нагоре. За разлика од лани, цените се повисоки за 5 до 10 отсто.

Што се однесува до зимските туристички центри во Австрија, Италија, Франција, цените се движат од 70 евра за лице на ден, па нагоре, но превозот е скап. Некои од туристичките агенции имаат понуда на апартмани за овие туристички центри, но не и аранжмани, туку клиентите сами си наоѓаат превоз и индивидуално си го планираат одморот во зависност од тоа колку дена сакаат да останат.

(А.С.) 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ