Епизодата, која е насловена „Abe League of Their Moe“, премиерно ќе се емитува во САД во недела, на 27 април, во 20 часот EST (2:00 понеделник наутро по македонско време), на американската телевизија Фокс. Во создавањето на новата епизода се ангажирани Македонци, сестрите Невена и Калина и нивниот брат Наум Нешкоски. Овие охриѓани кои живеат во Соединетите Американски Држави и го водат детскиот едукативен канал Дарко Биберко, сега работеа заедно со креаторите на „Симпсонови“
Лик на спортист од Македонија ќе се појави во најновата епизода на култната американска анимирана серија „Симпсонови“. Имено, во епизодата 15 од 36. по ред сезона на серијата, која е сатиричен опис на животот на работничката класа олицетворена од семејството Симпсон, се ангажирани и Македонци, сестрите Невена и Калина и нивниот брат Наум Нешкоски. Овие охриѓани кои живеат во Чикаго, САД, заедно го водат детскиот едукативен канал „Дарко Биберко“. Тие на Јутјуб ги поставуваат епизодите од серијалот за моќното момче кое може да постигне сè што ќе науми и во кои на децата им овозможуваат да учат преку музика и едукативни содржини на македонски. Токму „Дарко Биберко“ стана чест гостин во домовите на децата не само во САД и во Македонија, туку и пошироко. Невена, Калина и Наум сега добија можност да работат и заедно со создавачите на познатата американска анимирана серија.
„Креаторите на ‘Симпсонови’ одлучиле да внесат лик — спортист, кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија. За кој спорт станува збор? Нормално, за најпопуларниот и најисконски македонски спорт…бејзбол“, објави на социјалните мрежи Невена Нешкоска.
За тоа како се случи тие да бидат вклучени во епизодата, Невена вели: „Учествувавме во преводот, јас лично имав консултантска улога, а сите тројца испеавме песна што ја преведовме од англиски на македонски. Благодарност до колешката композиторка Кара Талве, која ја овозможи оваа соработка“.
Инаку, епизодата која е насловена „Abe League of Their Moe“, премиерно ќе се емитува во САД, в недела, на 27 април, во 20 часот EST (2:00 понеделник наутро по македонско време), на американската телевизија Фокс.
Во оваа епизода, дедото Симпсон и Мо Шислак се здружуваат за необичен потфат. Тие регрутираат талентиран бејзбол играч, сензација од Македонија, за да се придружи на локален бејзбол тим во Спрингфилд . Возбудата од доведувањето нов играч брзо се претвора во предизвик, бидејќи пријателството меѓу дедото и Мо почнува да покажува пукнатини. Дуото се соочува со борбата за одржување на нивната комуникација, додека се обидува да го одржи интегритетот на играта што ја сакаат.
Како што се одвива приказната, гледачите можат да очекуваат многу смеа и некои срдечни моменти. Епизодата истражува теми за пријателство, конкуренција и што значи да се игра фер. Со препознатливата духовитост на Симпсонови, епизодата сигурно ќе биде незаборавно дополнување на 36. сезона. Обожавателите нема да сакаат да ја пропуштат оваа забавна мешавина од спорт и комедија.
Со новата епизода, „Симпсонови“ уште еднаш покажуваат зошто се легендарни и претставуваат уникатно ТВ-искуство. Се работи за американска анимирана комедија создадена од Мет Гронинг за Фокс. Таа е сатиричен приказ на животот во Соединетите Американски Држави, прикажан во семејството Симпсон, кое го сочинуваат Хомер, Марџ, Барт, Лиза, Меги… Приказната се одвива во измислениот град Спрингфилд и ги карикира општеството, западната култура, телевизијата и начинот на живот.
Премиерата на „Симпсонови“ се одржа на 17 декември 1989 година, а денес е најдолготрајната американска анимирана серија. Во 2007 година беше објавен долгометражен филм, „Симпсонови на филм“. Серијата, исто така, создаде бројни серијали на стрипови, видеоигри, книги и други сродни медиуми, како и цела медиумска франшиза вредна милијарди долари.
„Симпсонови“ добија исклучително позитивни критики од критичарите за време на првите сезони во 1990-тите, кои се сметаат за „златна доба“ на серијата. „Тајм“ ги прогласи „Симпсонови“ за најдобра серија на 20 век. Во јануари 2000 година, семејството Симпсонови доби своја ѕвезда на Холивудската патека на славните. Серијата има добиено голем број награди и признанија, вклучувајќи ги наградите „Primetime Emmy“, „Annie“ и „Peabody“. Хомеровата изрека „доу!“ влезе и во лексиконот на англискиот јазик, а „Симпсонови“ влијаеја врз лансирањето на нови анимирани серии наменети за возрасни. Во медиумите често се пишуваше дека серијата дури и предвидела одредени ситуации поврзани со познати јавни личности.