Последниве десет години опаѓаат приносите на мед. Претседателот на пчеларското здружение „Матица“ од Скопје, Душан Чорбиќ, вели дека минатата година била нешто подобра, кога, во просек, имало по 15 килограми мед од кошница. За весникот ВЕЧЕР, тој изјави дека годинава пчелите се добри и здрави и се надева на добра година.
Најголем проблем за пчеларите, според Чорбиќ, е што се продава фалсификуван мед по пазарите, по улиците и маркетите и очекува институциите да си ја вршат својата работа и да проверат. Тој вели дека засега има доволно пчели и доволно мед за да се задоволи македонскиот пазар.
Чорбиќ констатира дека нашиот народ сè уште купува мед само кога е болест во прашање, а не превентивно. Но, сепак, нагласува дека луѓето полека сфаќаат дека тоа е најприродното и најчисто нешто, кое не се расипува и во кое нема конзерванси и додатоци, а е полезно за здравјето. Во тоа, вели тој, секако, улога имаат и нутриционистите, кои објаснуваат за придобивките од медот.
Пчеларот Христијан Аврамовски е задоволен од приносот на мед минатата година.
– Имавме реално голем принос на ливадски мед, а помал на шумски мед. Годината беше врнежлива, а имаше и сонце, што влијаеше поволно – објасни тој.
И тој потврди дека просекот на приносот на мед минатата година бил од 13 до 15 килограми од кошница, додека со селење – и до 25 до 30 килограми мед. Аврамовски вели дека наглото менување на времето од многу ладно во топло неповолно влијае на приносот на мед, а и се пожали дека мечките во повисоките делови им прават штети. Конкретно зборуваше за делот меѓу Македонски Брод и Прилеп, селото Долгаец, од каде што е неговиот мед.
Тој раскажува дека има голем интерес за одгледување пчели, но многумина се откажуваат уште во втората година, кога ќе видат дека не е едноставна работа тоа.
Драги Манев од Штип, пак, има 280 пчели во пчеларникот во близина на локацијата каде што се снимаше филмот „Медена земја“. Вели дека на 20 километри во околината нема обработлива површина и се работи за дива природа, која е чиста. Она што, според него, претставува проблем за пчелите е масовната појава на крлежот вароатоза, кој ги напаѓа и од кој умираат.
– Со тоа се справуваме навреме. Наесен, три пати се третираат пчелите со средство што не е опасно за здравјето. Тоа се прави наесен за да има време тие да се прочистат, бидејќи напролет го прават медот – објаснува Манев.
Тој вели дека имаат поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но се пожали дека се оптоварени со давачка за која надлежните не испорачуваат услуга.
– Ветеринарите се должни да извршат преглед на пчелите, но тие не го прават тоа, а ние мораме да платиме иако не е извршена услугата – реагира Манев.
Збирно место, деновиве, на пчеларите е улицата „Македонија“, каде што се одржува манифестацијата „Пролетни медни денови“. На повеќе шандови, од 4 до 6 април 2024 година, е изложен широк асортиман на пчелни производи наменет за нашите граѓани, меѓу кои: мед, прополис, полен, матичен млеч, восок. Цената за тегла мед, главно, се движи околу 600 денари и е непроменета од лани, за разлика од цените на многу прехранбени производи, кои повеќепати беа зголемени.
(А.П.) – Фото: Ѕ. Плавевски