Во првите шест месеци од 2024 година биле реализирани онлајн трансакции во вредност од 339,8 милиони евра. Со македонски картички кон македонските е-трговци биле реализирани 193,1 милион евра. Просечната трансакција на Македонците кон македонските е-трговци изнесува 30,8 евра, додека кон странските е-трговци – 37,2, информираа од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Меѓутоа, мора да се имаат предвид податоците што укажуваат дека според навиките и менталитетот, Македонците, како и другите интернет-купувачи од соседните земји од Западен Балкан, се љубители на плаќањето во кеш.
Податоците од 2021 година на дата-базата на „Глобал финдекс“ покажуваат дека само 43 отсто од Македонците што поседуваат платежни картички, и истите ги употребуваат, додека 47 проценти од направените онлајн нарачки се платени во готовина, при доставувањето
Македонците сè повеќе се одлучуваат да пазарат преку онлајн трансакции. Според податоците на Народната банка, на кои се повикаа од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), во првото полугодие од оваа година вкупните трансакции направени кон интернет-продавниците од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички, изнесувале 339,8 милиони евра, само со македонски картички кон македонските е-трговци се реализирале 193,1 милион евра.
Од АЕТМ велат дека кон македонските е-трговци Македонците просечно трошеле 30,8 евра, додека кон странските е-трговци – 37,2 евра. Вредноста на реализираните повторливи трансакции за претплати на домашните сервис провајдери изнесува 53,7 илјади евра, додека кон странските – 6,1 милион евра.
– Кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 210,2 милиони евра, од домашни и од странски иматели на платежни картички. Тоа претставува учество од 61,8 отсто во вредноста на направените вкупни онлајн трансакции. Притоа, од македонските иматели на платежни картички кон домашните е-трговци е направена вредност од 11,875,6 милиони денари или 193,1 милион евра, што претставува учество од 56,8 проценти, од странците е направена вредност од 1049,7 милиони денари или 17,1 милион евра, односно учество од 5 отсто – велат од АЕТМ.
Од друга страна, Македонците во странство направиле онлајн трансакции во вредност од 129,7 милиони евра, односно 38,2 отсто од вредноста на вкупните трансакции.
– На домашниот пазар, кон домашните е-трговци, направени се повторливи трансакции во вредност од 53,7 илјади евра или 0,03 отсто од остварената вредност, додека Македонците во странство направиле повторливи трансакции во вредност од 6,1 милион евра или 4,7 проценти од остварената вредност. Вкупната вредност е остварена со направени 10,3 милиони онлајн трансакции, односно просечната трансакција изнесува 33 евра. Притоа, најмала е вредноста на просечната трансакција направена од домашните иматели на платежни картички кон домашните е-трговци и изнесува 30,8 евра, потоа од странските иматели кон домашните е-тровци од 33,3 евра и највисока, од домашните иматели кон странските е-трговци – 37,2 евра. Притоа, повторливите трансакции направени кон домашните е-трговци изнесуваат просечно околу 20 евра, додека кон странските е-трговци просечната трансакција изнесува 15,8 евра – се наведува во извештајот на АЕТМ.
Меѓутоа, мора да се имаат предвид податоците што укажуваат дека според навиките и менталитетот, Македонците, како и другите интернет-купувачи од соседните земји од Западен Балкан, се љубители на плаќањето во кеш.
Податоците од 2021 година на дата-базата на „Глобал финдекс“ покажуваат дека само 43 отсто од Македонците што поседуваат платежни картички, истите и ги употребуваат, додека 47 проценти од направените онлајн нарачки се платени во готовина, при доставувањето.
Исто така, направената анкета во рамките на најновата анализа што ја изработува АЕТМ, како извештај за е-трговијата на Западен Балкан, поддржана од НЛБ-групацијата на 40 е-трговци од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и од Србија, покажува дека балканските е-купувачи преферираат готовина при доставувањето.
– Дури кај 72,5 отсто од балканските е-трговци доминантен платежен метод е плаќањето во готово при приемот на пратката. Ова ни покажува дека вредноста на онлајн нарачките е многу повисока. Дополнително, секогаш ја споменуваме и ширината на прибраните податоци од Народната банка, кои ги опфаќаат сите онлајн трансакции направени со платежни картички, каде што може да влезат плаќањето на сметките и другите услуги онлајн – се истакнува во писмената изјава на претседателката на АЕТМ, д-р Нина Ангеловска-Станков.
Таа додава дека она што е новина во известувањето според усогласувањето на содржината, начинот, формата и роковите за доставување и објавување на податоците и информациите за платежната статистика, според Законот за платежни услуги и платни системи, е што се одвоени повторливите плаќања кои се однесуваат, главно, на претплатите/членарините за сервис провајдерите како „Нетфликс“, „Јутјуб“ и слично.
– Работиме и ги следиме прогресот и развојот на е-трговијата, а за тоа се потребни и релевантни официјални податоци за преземање соодветни активности и иницијативи за унапредување на климата за македонската е-трговија – вели Ангеловска-Станков.
(С.Бл.)