Мајмунски сипаници: Како се пренесуваат и кои се симптомите?

1518

Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници во делови од Африка за вонредна состојба за јавно здравје од меѓународно значење. Оваа многу заразна болест досега убила најмалку 450 луѓе во Демократска Република Конго.

Пред две години, мајмунските сипаници беше присутна во 100 земји, вклучително и во Европа, но ширењето беше запрено со вакцинација на ранливите групи.

Во меѓувреме, СЗО препорача промена на името во мпокс, со цел да се намали стигмата и поврзаноста со мајмуните.

Експертите велат дека шансите за заразување со мајмунски сипаници се многу мали.

Најчесто се јавуваат во оддалечените делови на земјите од Централна и Западна Африка, во близина на тропските дождовни шуми.

Во овие региони секоја година има илјадници инфекции и стотици смртни случаи, а најтешко се погодени децата помлади од 15 години.

Тие се особено присутни во Демократска Република Конго, а болеста неодамна е забележана во Бурунди, Руанда, Уганда и Кенија, каде што не е ендемична.

Во моментов, постојат неколку различни епидемии кои се случуваат истовремено.

Општо земено, постојат два главни типа на мајмунски сипаници.

Првиот е често посериозен, и токму тој со децении спорадично се шири низ ДР Конго.

Претходната јавно здравствена вонредна состојба, прогласена во 2022 година, беше предизвикана од релативно поблага втора форма.

Постои загриженост дека многу од заразените во изминатата година имале нов и потежок вид на мајмунска сипаница, која полесно се шири и предизвикува посериозна болест.

Африканските центри за контрола и превенција на болести велат дека од почетокот на 2024 година до крајот на јули имало повеќе од 14.500 инфекции, како и повеќе од 450 смртни случаи.

Ова е зголемување на бројот на заразени за 160 отсто, а на умрените за 19 отсто, споредено со истиот период во 2023 година.

Кои се симптомите?

Првичните симптоми се треска, главоболка, оток, болки во грбот, болки во мускулите и општа малаксаност. Кога температурата ќе падне, може да избие осип.

Често прво на лицето, а потоа и на другите делови од телото, најчесто на дланките и стапалата.

Осипот, кој може екстремно да чеша, се менува и поминува низ различни фази пред конечно да формира краста, која подоцна паѓа.

Лезиите можат да остават лузни.

Инфекцијата обично поминува сама по себе и трае помеѓу 14 и 21 ден.

Како се пренесуваат?

Мајмунските сипаници може да се пренесат со близок контакт со заразено лице.

Постојат неколку начини за тоа.

Вирусот може да влезе во телото со допирање на оштетената кожа, преку респираторниот тракт за време на разговор, како и со допирање на очите, носот или устата.

Може да се пренесе и преку сексуален контакт, како и преку заразени животни, како мајмуни, стаорци и верверички.

Може да се пренесе и преку контаминирани предмети, како постелнина, облека и крпи.

За време на епидемијата во 2022 година, вирусот се ширел главно преку сексуален контакт.

Сегашните епидемии во Демократска Република Конго се предизвикани и од сексуален контакт и други форми на близок контакт.