Миљана Кецмановиќ, мајка на Коста Кецмановиќ, кој во мај лани усмрти девет соученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, не престанува со обидите да дојде до пари за да ѝ обезбеди иднината на ќерката надвор од Србија.
Лани, веднаш по убиствата што ги изврши нејзиниот син, беше фатена во обид со ќерката да замине во Македонија, а сега, кога има забрана за располагање со своите средства, како што јавуваат српските медиуми, оди од нотар до нотар во обид да добие полномоштво за користење на парите на нејзиниот сопруг, кој е во притвор.
Според Република.рс, ниту еден нотар каде што била не се согласил да го обезбеди полномошното, а таа, изнервирана викала и фрлала со хартии, се заканувала и ги пцуела нотарите, по што била повикана полиција.
– Бев на нотар и ја видов Миљана Кецмановиќ како бесно фрла хартии и им се заканува на луѓето во канцеларијата. Ми рекоа дека била многу безобразна и во друга нотарска канцеларија. Барала невозможни работи и сакала да ја потврди согласноста на нејзиниот сопруг само со добивање на неговиот потпис. Слушнав дека рекла дека нотарот може да оди кај сопругот во притвор доколку не верува дека доброволно дал потпис и согласност за тоа што таа го бара, раскажува за Република Б.Ш, средовечна белграѓанка, која била кај нотар во близина на улицата „Бачванска“.
Сведоци кажуваат дека од една нотарска канцеларија повикале полиција и ја пријавиле Миљана за скандалите со пцости и закани кон службени лица пред клиенти.
Како што се дознава, таа по секоја цена сака да дојде до парите на сопругот. Нејзиниот план е откако финансиски ќе се обезбеди, ќерката да ја испрати во странство во придружба на нејзиниот брат, односно вујкото на девојчето. Сакала да си ја спаси ќерката и да и обезбеди удобен живот во странство откако нејзиниот син го изврши монструозното злосторство.
Миљана Кецмановиќ има забрана за продажба или ставање под хипотека на голем број имоти во Ниш, Параќин и Белград, за кои е утврдено дека се во нејзина сопственост или косопственост. Забраната е ставена поради граѓанската судска постапка што ја поведоа родителите на жртвите на Коста, кои бараат паричен надоместок за претрпени душевни болки и страдања.
Поради ова, Миљана испланирала да добие овластување од сопругот Владимир Кецмановиќ, кој е во притвор во Централниот затвор во Белград, за подигање пари од неговата банкарска сметка. За тоа морала да оди на нотар, кој пак треба да обезбеди потпис од сопругот. Исто така, преку нотар таа треба да обезбеди и согласност од сопругот ќерката да премине граница во придружба на вујкото. Но, барем засега поради отпорот на нотарите, планот не и успева, што било причина да се распали нејзиниот бес.
Инаку, Коста Кецмановиќ, кој го нарекуваат најмлад сериски убиец, злосторството во училиштето во кое учеше го изврши на 3 мај лани, кога се уште немаше 14 години, поради што не може да му се суди. Тој цела година е сместен во детска психијатриска клиника во Белград. Неговиот татко исто така речиси цела година е во притвор и се товари за тоа што на синот му овозможил пристап до огнено оружје и го учел да пука на стрелиште. И неговата сопруг се товари за чинот на Коста, но и двајцата родители на судењето се изјаснија како невини.