Мајка ми скришум вапсуваше јајца, но роднина нè накодоши во партија!

218

Новинарот Мојсо Мојсовски се сеќава дека кога бил дете, во неговото семејство не смеело да се спомене ниту В од Велигден. -Татко ми беше комунист и ни беше забрането да го одбележуваме овој христијански празник. Сите семејства во куќата во која живеевме во Дебар Маало го славеа празникот. Ние само ѕиркавме од вратите на становите како кабаетлии. Меѓутоа, многу добро паметам еден Велигден кој беше поврзан со инцидент. Мајка ми Елица скришум беше вапсала јајца, без да знае татко ми Ѓорѓи. Случајно или намерно сосетката, далечна роднина по мајкина линија, тетка Даница, инаку партиска активистка, убаво нè распраша дали имаме вапсани јајца, а јас и сестра ми во еден глас одговоривме потврдно, уште ги ставивме во креденецот во кујната – раскажува со носталгија Мојсовски, додавајќи дека тетка Даница тоа убаво го изнела на партиски состанок на Дебармаалскиот огранок, а татко му лут и црвен во лицето и ја искарал мајка му

Во текот на велигденските празници имав впечаток дека немаше ништо друго да се види освен лушпите од јајцата со кои беа прекриени улиците. Доминираа само убавите и нови панталони кај момчињата и лелеавите фустанчиња кај девојчињата. Ова се дел од сеќавањата за празнувањето на велигден во Скопје некогаш, на пензионираниот новинар Мојсо Мојсовски.

-Кога ќе почнеше масовно варосување и големо чистење на домовите ни беше сосема јасно дека се доближува големиот празник – нагласува тој.

Тој со неговото семејство живеел во Дебар Маало, во голема заедничка куќа во која исто така, живееле повеќе семејства.

– Се сеќавам дека во нашето семејство не смееше да се спомене ниту В од Велигден. Татко ми беше комунист и ни беше забрането да го одбележуваме овој христијански празник. Сите семејства во куќата во која живеевме го славеа празникот. Ние само ѕиркавме од вратите на становите како кабаетлии. Меѓутоа, многу добро паметам еден Велигден кој беше поврзан со инцидент. Мајка ми Елица скришум беше вапсала јајца, без да знае татко ми Ѓорѓи. Случајно или намерно сосетката, далечна роднина по мајкина линија, тетка Даница, инаку партиска активистка, убаво не распраша дали имаме вапсани јајца, а јас и сестра ми во еден глас одговоривме потврдно, уште ги лоциравме во креденецот во кујната – раскажува со носталгија Мојсовски.

Тој продолжи, наведувајќи дека тетка Даница тоа убаво го изнела на партиски состанок на Дебармаалскиот огранок.

-Како му било на татко ми разбравме кога си дојде дома, лут и црвен во лицето и ја искара мајка ми. Другите во маалото немаа вакви „партиски проблеми“. Многумина наголемо ја подготвуваа трпезата со задолжителното јагнешко. Со денови по улица се слушаше јагнешко блеење, а јагнешките кожи што остануваа на куп во откупните пунктови кажуваа сè за празнувањето – се сеќава Мојсовски.     

Тој продолжи дека на првиот ден на Велигден сите излегувале на улица.

-Стокмени, дотерани, исчешлани и со црвени јајца во рацете. Кршењето јајца беше како спортски натпревар – кој има посилно и поцврсто црвено јајце (тогаш вапсаните јајца беа само црвени, потоа дојдоа модерните креативни велигденски одбележја во секакви бои). Носевме јајца и по празникот,  во училишните чанти, се кршевме на одморите меѓу часовите, наочиглед на учителките и другиот училиштен кадар  – го опишува Мојсовски празнувањето.

Но, кога веќе потпораснале, едвај го чекале празникот за да ги пуштат девојчињата од дома за да се дружат со нив.

-Вечерта спроти празникот корзото „работеше“ до доцна – ете ти можност да останеш со некого или поточно со некоја до раните утрински часови. Никогаш не стасавме да допреме до дворот на храмот „Свети Димитрија“, каде што се одржуваше литургијата од едноставна причина – од плоштадот, па преку Камени Мост сè до црквата беше преполно од народ кој се движеше во обете насоки, многу полека и трпеливо. По полноќ глетката беше неповторлива, илјадници запалени свеќи во рацете на скопјани се движеа накај дома. Луѓето се грижеа својски да го однесат велигденскиот пламен и во своите домови. Свеќи гореа и во рацете на патниците во ретките „фиќовци“ и „застави“, по штотуку изградената и проширена „Партизанска“. Сцени како од големите епски филмски спектакли за Мојсие и Исус Хритос. Тоа беше прекрасно доживување – памети Мојсовски.

Тој додава дека традиција е да се даруваат вапсани јајца и на други религии, бидејќи тоа значи почит и внимание за пријателот, соседот…

Раскажува дека деновите за Велигден во Скопје се посебно убави и свечени.

-Некои нови генерации деца – наши внуци и комшиска челад се радуваат на вапсаните јајца. На Велика Сабота се низ скопските цркви за да го дочекаат воскреснувањето Господово. Сигурен сум дека чувството е еднакво, ако не и посилно од нашето некогашно, кога бевме како нив во поранешното Скопје – заклучи Мојсовски.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ