Магмата во заспаниот вулкан на Санторини зоврива, можна е импресивна, но безопасна епрупција

7063

Откако на почетокот потресите беа прприпишувани на движењето на сеизмичката плчоча, сега веќе научниците ги загрижува „заспаниот“ вулкан на островот. Кон крајот на минатата недела Европскиот Сеизмолошки Центар (ЕМСЦ) потврди дека биле регистрирани хармонски бранови и татнеж, што може да укажува на движење на магмата кон површината. Вулканот на Санторини произведува многу големи ерупции на секои 20.000 години, а  од последната поминале повеќе од 3.000 години, така што, до новата има уште време, в ели сеоизмологот Ефтимиос Лекас

 

Еден од најатрактнивните грчки острови за туристите, Санторини не престанува да се тресе веќе втор месец. По илјадниците секојдневни послаби и посилни земјотреси во понеделникот го погоди нов со јачина од 5,1 степени според Рихтеровата скала, што се почувствувал до Атина.

Нема информации за поголема материјална штета или повредени, но паниката расте. Повеќе од 12.000 од вкупно 15.000 жители на Санторини си заминаа, а оние кои останаа се „на готовс“. На Санторини се регистрирани повеќе од 15.000 земјотреси, а нивните епицентри се наоѓаат во близина на островот, под морето, од кои најсилните биле над пет степени. Сизмолозите претпоставуваат дека е можно да се случи и земјотрес со јачина од шест степени.

Оваа зголемена сеизмичка ативност го стави Санторини под надзор на научниците. Откако на почетокот потресите беа прприпишувани на движењето на сеизмичката плчоча, сега веќе научниците ги загрижува „заспаниот“ вулкан на островот. Кон крајот на минатата недела Европскиот Сеизмолошки Центар (ЕМСЦ) потврди дека биле регистрирани хармонски бранови и татнеж, што може да укажува на движење на магмата кон површината.

Според професорот по геофизика Луис Донозо, кој ги анализирал податоците од сеизмографската станица „Тира“, сигналите не биле резултат на тектонски поместувања, туку на магматски движења низ пукнатините на карпите. Иако активноста траела околу три часа, подоцна не била забележана значајна вулканска реакција. Сепак, научниците предупредуваат дека вулканот на Санторини не е целосно неактивен и може да влезе во нова фаза. Последните мерења покажуваат дека северниот дел на калдерата се подигнал за 4,5 сантиметри, што дополнително ја зголемува загриженоста.

Професорот Мајк Бартон од Универзитетот во Манчестер посочува дека, иако исходот не може со сигурност да се предвиди, ваквите активности можат да резултираат со „импресивна, но веројатно безопасна“ ерупција, слична на онаа од 1925 година. Иако нема непосредна опасност, научниците нагласуваат дека состојбата бара континуирано следење. Геодинамичкиот институт продолжува со детално надгледување на вулканската активност за да се осигура безбедноста на жителите и туристите на островот.

-Неодамна забележаните промени во вулканот на грчкиот остров Санторини, една од главните туристички атракции во светот, се резултат на тековните земјотреси на архипелагот Киклади, изјави професорот по геологија Танасис Ганас, директор на Националната опсерваторија во Атина.

Атинската РТВ СКАИ објави дека во споредба со мерењата направени пред шест месеци, во август 2024 година, кратерот на вулканот се зголемил за четири сантиметри и се проширил за шест сантиметри на исток и запад.

-Не можам да кажам дека е алармантно, но тоа е важна промена и треба да ја следиме, рече Ганас.

Овие промени, објасни тој, се резултат на издигнувањето на магмата од длабочината на Земјата до комората на магмата, која се наоѓа три километри под кратерот на вулканот на Санторини. Првичните мерења покажуваат дека магмата е зголемена за пет милиони кубни метри, додека во последната криза со вулканска активност во 2011-2012 година, таа се зголемила три пати повеќе, до 15 милиони кубни метри, па затоа мора да продолжат набљудувањата за да се види како ќе се развива тоа.

Но, ако се земе предвид далечното минато на островот стравувањата што може да се случи со Санторини, но и со цела Европа се големи. Вулканот на Санторини, кој официјално е познат како Тера, ја имал една од најразорните ерупции во историјата. Таа се случила меѓу 1650 и 1500 година пред нашата ера и ја уништила тогашната мијонска цивилизација, која процветала на островот Крит и нејзината престолнина Кносос. Таа ерупција  донела големи промени во источниот Медитеран, а нејзиното влијание  било толку големо што се верува дека од неа потекнува легендата за потонувањето на Атлантида. Многу историчари и геолози истражувале, а некои од нив дошле до заклучок дека ерупцијата довела до цунами што ја уништило минојската флота, а сите населби и планини со години биле покриени со купишта пепел. Се верува дека Санторини го има сегашниот облик по таа ерупција.

„Кога кратерот експлодираше, морето се втурна во него, раскинувајќи го копнениот прстен околу вулканот и создавајќи три одделни острови од Тера. Последиците од ерупцијата влијаеле на населбите на многу широк простор, како што беше прикажано во 1882 година, за време на ерупцијата на вулканот Кракатау во каналот помеѓу Јава и Суматра. За споредба масата на исфрлена лава и пепел на Санторини беше значително поголема, така што, силата на експлозијата разнела огромен облак од лава и пепел со километри и километри низ воздухот“, пишуваат Џон Банел Бури и Расел Мегс во „Историја на античка Грција“.

Според „Лајф сајанс“ имало ерупција и во 726 година, која  предизвикала зовривање на морето и исфрлање пепел на далечина и до 400 километри. Последната ерупција на вулканот на Санторини е од 1950 година, но таа била релативно помала. Тогаш бил регистриран земјотрес од 6,9 степени и цунами  со бранови од 25 метри.

Сега, кога стравот од будење на вулканот расте, сеизмологот и шеф на научниот комитет за следење на грчкиот вулкански лак, Ефтимиос Лекас, смирува. За грчката телевизија ЕРТ тој изјави дека вулканот на Санторини произведува многу големи ерупции на секои 20.000 години. Од последната поминале повеќе од 3.000 години, така што, како што вели Лекас, до новата има уште време.

Во целата паника и ангажмани околу земјотресите, жителите на Санторини, но и грчките власти се загрижени и за туризмот. Сезоната на Санторини требаше да почне овој месец, кога доаѓаат крузерите. Санторини е многу важен за грчката економија. Секоја година од туризмот на островот во државната каса влегуваат по 5,9 милијарди евра, што е придонес од 2,5 отсто во бруто-домашниот производ на Грција.

 

ИЗДВОЕНИ