Уште во 2022 година, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги информираше граѓаните во населбата Пролет дека во секое маало во оваа општина се враќаат полициските редари – позорникари. Но, и по ова ветување, бевме сведоци на низа немили настани во Центар. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, тој тврди дека имаат маалски патроли, и тоа две пешачки и една мотопатрола, но додава дека нивниот број е недоволен за целосно да се почувствуваат ефектите од нивното патролирање.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, нагласи дека од своја страна, ЗЕЛС изготвила предлог-закон за општинска комунална полиција. – Целта на општинската комунална полиција е да обезбеди ред, безбедност и квалитет на животот во општините, преку санкционирање на недозволените активности како лошо паркирање, гласна музика, тепачки, вандализам и друго нарушување на јавниот ред и мир – објасни Ѓорѓиевски. Од МВР, пак, тврдат дека во зависност од ангажманот за редовно, вонредно и посебно обезбедување, се испраќаат служби како маалски позорникари на терен, кои ги покриваат критичните места
Иако на големо беа најавувани враќањето на маалските полицајци – позорникари и нивното патролирање, со цел да се спречат кражбите, вандализмот, насилството и да се зголеми безбедноста на граѓаните на тој начин, и натаму се присутни овие девијантни појави.
Уште во 2022 година градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во соработка со Министерството за внатрешни работи, ги информираше граѓаните во населбата Пролет дека во секое маало во оваа општина се враќаат полициските редари – позорникари. Но, и по ова ветување, бевме сведоци на низа немили настани во Центар. Вандализам, насилство итн. Во ноември минатата година, во паркот во Капиштец, малолетни лица обија багер, го ставија во функција и предизвикаа штета на паркирано возило. Дополнително, беа уништени каблите на системот за наводнување и беше направена значителна материјална штета. Овој инцидент се случи неколку месеци по обивањето и кражбата на општинскиот комунален пункт во Капиштец, како и по уништувањето на реквизитите на детските игралишта. Исто така, Општина Центар, во текот на ланското лето, објави видеоснимки доставени од граѓани, на кои се гледаа сцени на деструкција, дивеење и загрижувачко однесување на млади лица, на јавен простор во таа населба.
Градоначалникот тогаш побара засилено присуство на полицијата на терен. Герасимовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, тврди дека имаат маалски патроли, и тоа две пешачки и една мотопатрола, но додава дека нивниот број е недоволен за целосно да се почувствуваат ефектите од нивното патролирање.
– Нивниот број е мал, мора да се зголеми за поголема безбедност и спокојност на граѓаните. Постојано бараме од МВР, се пријавуваат кражби, деликвентни појави, вандализам – изјави Герасимовски.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека воведувањето полицајци позорникари зависи од организациската поставеност на МВР. Смета дека може да се реши проблемот откако ќе биде донесен законот за општинска комунална инспекција.
Тој нагласува дека од своја страна, ЗЕЛС, во рамките на своите заложби за зголемување на јавната безбедност и за подобрување на квалитетот на животот во општините, изготвила предлог-закон за општинска комунална полиција.
– Овој закон предвидува воспоставување општинска полиција на територијата на целата држава и тој е веќе доставен до Владата. Целта на општинската комунална полиција е да обезбеди ред, безбедност и квалитет на животот во општините, преку санкционирање на недозволените активности како лошо паркирање, гласна музика, тепачки, вандализам и друго нарушување на јавниот ред и мир. Оваа мерка ќе овозможи локалните власти поефикасно да реагираат на секојдневните проблеми на граѓаните, без потреба од ангажирање припадници на Министерството за внатрешни работи – објасни Ѓорѓиевски.
Воедно, додаде дека, покрај ова, ЗЕЛС иницирала и дополнителен механизам за спречување на вандалското однесување на малолетниците, кој вклучува активна улога на родителите, општинските служби и на заедницата.
– Идејата е сторителите, преку општокорисна работа, да сносат одговорност и сами да поправат сè што уништиле, со вклучување на нивните родители во процесот – наведе Ѓорѓиевски.
Тој оцени дека за овие иницијативи се потребни законски измени во повеќе закони и дека ЗЕЛС веќе ги доставила своите предлози до Владата.
– Во таа насока, формирани се мешовити комисии со претставници од ресорните министерства и стручњаци, кои работат на правно уредување на овие прашања за да се обезбеди долгорочно и одржливо решение. Како претседател на ЗЕЛС, сметам дека ваквите измени треба да бидат дел и од новиот закон за локална самоуправа, со што ќе се овозможи ефикасно и трајно решавање на овие предизвици – заклучи Ѓорѓиевски.
Според универзитетскиот професор Цане Мојаноски, концептот на комјунити полисинг или таканаречените полицајци позорникари не заживеал и не се развил.
– Полицајците не треба да го гасат пожарот од криминалот, туку треба да го превенираат. Овој концепт добро функционира во САД, Австралија и според него, полицаецот има преглед што се случува во неговото маало, запознаен е со семејствата што имаат одредени финансиски проблеми, проблеми со алкохолот итн., ги мобилизираат пензионерите да им помагаат на учениците да ја поминат улицата итн. – објаснува Мојаноски, повторувајќи дека кај нас тој концепт не се развил иако, како што наведе, имало неколку обиди.
Од МВР, пак, известуваат дека во зависност од ангажманот за редовно, вонредно и посебно обезбедување, се испраќаат служби како маалски позорникари на терен, кои ги покриваат критичните места.
– СВР Скопје функционира со полицајци позорникари во урбаните средини, пешачки патроли и мотопатроли во урбаните и во руралните средини, кои влијаат на подобрувањето на општата безбедност на општините, кои најчесто ги покриваат критичните места каде што се случуваат нарушување на јавниот ред и мир и извршување кривични дела – велат од МВР.
Притоа потенцираат дека соработуваат со заедницата за да креираат партнерство и за да се подобри јавната безбедност на тој начин што работи во директна комуникација со месните заедници, канцелариите, институциите, преку креирање работилници од областа на безбедноста, јавниот ред и мир, сообраќајот и криминалитетот, но и се спроведуваат предавања во училиштата и во градинките во рамките на проектот „Безбедни училишта“.
– СВР Скопје ги презема сите со закон доделени овластувања, во насока на заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир – децидни се од МВР.
Додаваат дека од СВР Скопје, во соработка со ОЈО, се преземаат интензивни мерки и активности за откривање и гонење на сторителите, преку примена на полициски овластувања, оперативно-тактички и превентивни мерки.
– Доколку сторителот на кривичното дело е дете под 14 години, се изготвува известување до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи за преземање понатамошни мерки. Исто така, полициските службеници во СВР Скопје, на дневна основа, преземаат мерки и активности согласно со членот 5 од Законот за полиција, односно преземаат дејства што се однесуваат на: заштитата на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните; заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори; спречувањето на вршење кривични дела и прекршоци; откривањето и фаќањето на нивните сторители и преземањето други определени мерки со закон за гонење на сторителите на тие дела; одржувањето на јавниот ред и мир; регулирањето и контролата на сообраќајот на патиштата; укажувањето помош и заштита на граѓаните во случај на неопходна потреба; обезбедувањето определени личности и објекти и други работи утврдени со закон.
(А. П.)