Mинистерот Шаќири ги искара авторите на учебниците и побара да внимаваат: И на најдобрите математичари, студентите им наоѓаат грешки!

40

– Побарав да се достават официјални забелешки од страна на универзитетските професори кои се вклучени во изработката на учебникот со наведени причини зошто е направена таа грешка. Знаете дека во сите учебниците по математика, и ние кога сме учеле, имало грешки, но верувам дека и таа техничка грешка соодветно ќе се реши, изјави Шаќири по повод новата грешка пронајдена во учебник по математика каде авторите збирот на внатрешните агли на еден триаголник го пресметале на 190 степени, наместо 180 степени

И на најдобрите математичари, студентите им наоѓаат грешки. Со овие зборови министерот за образование, Јетон Шаќири, ја објаснува грешката во учебник по математика каде авторите збирот на внатрешните агли на еден триаголник го пресметале на 190 степени, наместо 180 степени. Појасни дека се работи за техничка грешка направена од авторите, и покрај тоа што од двете страни на задачата биле дадени неколку решенија.

– Побарав да се достават официјални забелешки од страна на универзитетските професори кои се вклучени во изработката на учебникот со наведени причини зошто е направена таа грешка. Знаете дека во сите учебниците по математика, и ние кога сме учеле, имало грешки, но верувам дека и таа техничка грешка соодветно ќе се реши, изјави Шаќири.

Министерот за образование побара авторите на учебниците да се повнимателни со цел да нема повеќе грешки како во учебникот по предметот Математика за шесто одделение.

На новинарско прашање во врска со проблемот со странските учебници, кој трае веќе подолго време, министерот одговори дека во претходниот период се отвори дискусија во однос со начинот на пријавување на странските издавачи, како и за издавачкото право што го имаат, на повикот организиран од Министерството за образование и наука, на кој по измените, односно на вториот повик, пристап имаа сите странски издавачи.

– Побарав и од Завод за ревизија стручно мислење во однос на тоа толкување во Законот за учебници и во другите закони каде што треба да го има толкувањето во однос на странските учебници. Го очекувам одговорот и за наредните чекори сакам внимателно, ако извештајот кажува дека ќе треба да се дефинира, јас ви гарантирам дека после шест години ќе имаме добро дефинирање на законот и очекувам политичките партии тука да не прават проблем и ова да се реши во најбрз можен рок според препораките што ги имаме, рече Шаќири.

Да потсетиме, минатата учебна година целата јавност (особено родителите, но и стручната јавност) бурно реагираше откако во учебникот по Историја и општество за петто одделение подготвен според новата Концепција за основно образование беше констатирано дека се направени низа грешки и пропусти. Во овој учебник, врвот Монт Еверест беше претставен со висина од 29.035 метри, односно за 20 километри повисок од неговата висина која е 8.849 метри. Исто така, во истиов учебник западен сосед на Македонија беше Бугарија, а источен Албанија. Здружението на историчарите на Република Македонија побара повлекување од употреба на овој учебник бидејќи во него посочените пропусти ги надминуваа законски предвидените 30 отсто, односно во него беа нотирани 60 сериозни грешки во концепциска, содржинска и методолошка смисла. Учебникот беше повлечен од употреба пред крајот на минатата учебна година.