Недела на македонската култура во Тирана (од 23 до 30 април) за првпат се одржува како значаен настан за промоција на македонската култура, но и со цел продлабочување на релациите и соработките во полето на културата и туризмот меѓу двете земји. Во рамките на македонската културна недела, градот Тирана ќе биде обоен со црвено-жолти бои и светла, на главниот булевар ќе бидат истакнати македонски знамиња…

„Манифестацијата ‘Недела на македонската култура’, во организација на македонската амбасада во Албанија и македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, не ја претставува само богатата културна традиција на нашата земја, туку претставува и мост кон нови можности за соработка, развој и поврзување. Овде не доаѓаме како гости, туку доаѓаме како пријатели, како соседи, како народ што верува дека преку културата, традицијата, туризмот и економијата можеме да се запознаеме подобро, но и да изградиме нешто трајно, нешто вредно“, посочи на отворањето на манифестацијата Зоран Љутков, македонскиот министер за култура и туризам.

Според министерот манифестацијата е сведоштво за живиот дијалог меѓу две пријателски земји, мост што нè поврзува и нè зближува.

„Преку културата како најсилниот глас на еден народ – глас што не познава граници, преку изложби, музика, театар, преку вкусот на македонските вина, ја отвораме македонската душа пред албанската публика. Затоа кога зборуваме за култура, ние не зборуваме само за традиција, уметност или културно наследство туку зборуваме за идентитет, за вредности, за визија. Зборуваме за културна дипломатија, еден од најсилните и најцивилизирани облици на поврзување меѓу народите. Таа не гради бариери, таа урива стереотипи. Таа не се натпреварува – таа обединува. Во тој дух, би сакал со искрена благодарност да ги истакнам заложбата и поддршката на Владата на Албанија во процесот на враќање на 20-те вредни икони – дел од духовното и културното наследство на Македонија. Овој искрен гест на пријателство и заемна почит е од особено значење за културните врски меѓу двете земји“, додаде Љутков. Тој ја потенцираше и важноста на македонската заедница во Албанија, која со години е мост меѓу двата народа.

Во текот на неделата ќе се случуваат концерти на македонски уметници, театарски претстави за возрасни и за деца, изложба на македонски народни носии, промоција на книги од македонски автори, дегустација на македонски вина и промоција на винскиот туризам во Македонија. За таа цел, Македонскиот културен центар во Тирана оствари соработка со Министерството за економија, култура и туризам на Албанија, Градот Тирана, значајни културни институции и со видни уметници од кои добивме голема поддршка за реализација на настаните.

На 23. април е одржан онцерт “Eyes to the future” на Ема Попивода – пијано и Реа Лемнуша – ДЈ. На 25 април, пак, има изложба на македонски народни носии и промоција на Монографија на македонските носии на проф. Владимир Јаневски, на 26 април ќе се одржи промоција на македонски вина и винскиот туризам во Македонија, а на 30 април театарска претстава „8%?“ на режисерот Јовица Ристовски.

 

ИЗДВОЕНИ