– Со зголемување на платите на вработените од 3.000 до 15.000 денари, односно просечно 7.500 денари, за 12 месеци во џебовите на работниците ќе одат 585 милиони евра, а буџетот ќе има прилив од 58,5 милиони евра, од данокот на личен доход од 10 % – смета пратеничката на СДСМ и ексдиректорка на УЈП, Сања Лукаревска.
Ова е предвидено со новото законско решение, како дел од пакетот мерки подготвени од партијата.
– Ова не е политичко прашање, тука треба да се обединат власта и опозицијата и да се донесе ова одлично законско решение што се темели на три постулати: од една страна, ќе се зголемат платите на работниците; од друга страна, ќе се зголеми ликвидноста на компаниите, ќе им помогне и на работодавците и од трета страна, ќе има повеќе средства во буџетот преку реализација на овој закон за ослободување од дел од придонесите за зголемување на платите – нагласи Лукаревска, додавајќи дека законското решение се однесува на околу 400.000 работници.