Луѓето на коловоз, автомобилите на тротоар

35

Жители на општина Центар реагираат дека нивните деца и внуци се доведуваат во опасност кога одат на училиште во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Наместо да се движат на тротоарите, тие се движат на коловозот на улицата „Борка Талески“, бидејќи тротоарите се зафатени од паркирани автомобили. Службите на Општина Центар информираат дека на улицата „Борка Талески“ се поставени лежечки полицајци, со цел да се подигне безбедноста во сообраќајот, но не одговорија дали и на кој начин ќе се отстранат автомобилите од тротоарот, упатувајќи на нивното JП „Паркинзи на Општина Центар“ кое, пак, секоја недела има полни раце работа. Оттаму велат дека за трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање е неопходна поголема сообраќајна култура

 

Жители на општина Центар реагираат дека нивните деца и внуци се доведуваат во опасност кога одат на училиште во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“. Наместо да се движат по тротоарите тие се движат по коловозот на улицата „Борка Талески“, бидејќи тротоарите се зафатени од паркирани автомобили.

– Секое утро ги гледам децата како одат по коловозот, жал ми е и се плашам на некое од нив да не им се случи нешто, бидејќи не се безбедни. Мора да се изнајде начин ова да се реши – вели жител кој се обрати до редакцијата ВЕЧЕР.

Загрижените жители бараат да се испразнат тротоарите и да се постават лежечки полицајци кај училиштето.

Службите на Општина Центар информираат дека на улицата „Борка Талески“ се поставени лежечки полицајци, со цел да се подигне безбедноста во сообраќајот, но не одговорија дали и на кој начин ќе се отстранат автомобилите од тротоарот на улицата „Борка Талески“, упатувајќи на нивното јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“.

Од претпријатието, пак, секоја недела се јавуваат со соопштенија за тоа колку непрописно паркирани возила отстраниле на територијата на општина Центар за тој период.

Според последното соопштение на ЈП ПОЦ, кое се однесува на периодот од  28.10. до 3.11.2024 година, со помош на специјалните возила „пајак“ биле отстранети 144 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, велат од ПОЦ.

Оттаму велат дека за трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање е неопходна поголема сообраќајна култура.

– ЈП ПОЦ и СВР Скопје и во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар, со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот – потенцираат од ЈП ПОЦ.

Проблемот со паркирани возила не е присутен само на територијата на Општина Центар, туку и во другите скопски општини. Некаде граѓаните решавањето на проблемот си го зеле во свои раце. Така, во населбата Влае, на тротоарот од улицата пред куќа поставени се столпчиња за да не се паркираат автомобили, а за да можат пешаците непречено да се движат.

Иако и Град Скопје и Општините како мерка за решавање на овој проблем го применуваат поставувањето на столпчиња, повеќе од очигледно е дека тоа целосно не помага да се искорени непрописното паркирање на возилата, што значи дека треба да се работи на зголемување на сообраќајната култура.

Центарци, воедно прашуваат и кога ќе се осветли улицата „Козара“, но и другите места каде не функционираат светилките.

Од Општината информираат дека е во тек замена на старите светилки со енергетски ефикасни LED светилки и поставување смарт ормари, за поекономично и поеколошко осветлување. Оттаму, ги замолуваат жителите да бидат трпеливи додека трае процесот.

(А.П.)  Фото: П.С.