Беше најголемиот заводник на својата генерација, играше пијан во финалето на Австралија опен во 2002, живееше со мачки, кршеше најмногу рекети во историјата на тенисот… Станува збор за Русинот Марат Сафин, за кого има толку многу приказни што е речиси невозможно да се разбере што е вистина, а што мит.
Неговото враќање во врвниот тенис е сигурно една од најважните вести во светот на белиот спорт оваа недела. Харизматичниот Русин дебитираше во Монте Карло како тренер на сонародникот Андреј Рубљев, а еден од неговите најдобри пријатели од играчките денови вели дека мислењата за него се сосема погрешни.
– Луѓето мислат дека Марат само одел на забави и бил плејбој. Не е точно тоа. Многу е далеку од површна личност, многу пати имаме разговарано за смислата на животот. Јас и Марат сме како браќа – вели Марк Роуз, најдобриот швајцарски тенисер пред Роже Федерер и олимписки шампион од Барселона во 1992 година.
Швајцарецот е десет години постар и победи на еден од четирите меча против Русинот.
– Сафин сака експерименти, а соработката со Рубљев е токму тоа. Сака да го тренира Андреј, но и да се врати на турнирите – вели поранешниот швајцарски тенисер.
Тој вели дека бил присутен на разговорот меѓу двајцата Руси.
– Еден од најважните совети што му ги даде се заснова на лично искуство. Марат не сака Андреј да ги повтори грешките. Тој рече дека му го кажал следново: „Секогаш мислев дека знам сè и не ги слушав советите на другите луѓе. Но, бев многу далеку од тоа да знам сè. Секогаш има што да научам“.
Покрај психолошкиот аспект, Сафин ќе го промени и тактичкиот пристап на Рубљев кон натпреварите.
– Има некои сличности во начинот на игра, а Марат веќе има идеја како да го подобри својот тенис. Една од нив е тоа што Андреј повеќе оди на мрежа.
Рускиот договор беше направен за сезоната на земјени терени. По Ролан Гарос, повторно ќе седнат за евентуално да се договорат за продолжение или, пак, да се поздрават. Во стручниот штаб останува Фернандо Висенте, шпанскиот стручњак што му е тренер на Рубљев речиси една деценија.
View this post on Instagram