Во свет каде што многумина ја бараат љубовта во предвидливи простори, Марија и Нихкил ја пронајдоа на најнеочекуваното место – меѓу облаците, на работното место високо над земјата. Таа – млада Македонка со немирен дух и љубов кон авантура, тој – роден и израснат во Кувајт, со индиски корени и топлина во срцето. Се запознаа како колеги во авиокомпанијата „Кувајт ерлајнс“, каде што работеа како стјуарди и секој ден за нив започнуваше на поинаков крај од светот. Марија и Никхил решиле да заминат од Кувајт, но не во некоја голема светска метропола – туку во Скопје. По нивното враќање во Скопје, пријатно се изненадиле од срдечноста со која биле пречекани. Луѓето им излегле во пресрет со искрени насмевки, совети и поддршка. Институциите, на нивно изненадување, се покажале достапни и кооперативни. Отворија и ресторан во кој нудат глобален спој на вкусови, а секој оброк што го сервираат е дел од нивната приказна

Во свет каде што многумина ја бараат љубовта во предвидливи простори, Марија и Нихкил ја пронајдоа на најнеочекуваното место – меѓу облаците, на работното место високо над земјата. Таа – млада Македонка со немирен дух и љубов кон авантура, тој – роден и израснат во Кувајт, со индиски корени и топлина во срцето. Се запознаа како колеги во авиокомпанијата „Кувајт ерлајнс“, каде што работеа како стјуарди и секој ден за нив започнуваше на поинаков крај од светот.

– Не беше тоа класична љубов на прв поглед. Беше љубов што тивко, но силно растеше меѓу чекорите низ авионот, споделените погледи во заморните ноќни летови, преку кратките разговори додека го служевме појадокот на 30.000 стапки над земјата – се сеќава Марија.

Работејќи заедно во авијацијата, нивната врска поминуваше низ искуства што малку парови ги доживуваат. Патуваа заедно до најразлични дестинации: улиците на Лондон, енергичниот Њујорк, мирисите на улиците на Бангкок, романтичниот Рим, живописното Мароко, динамичната Манила, модерниот Шангај, Куала Лумпур, Милано, Франкфурт… Светот им стана заеднички дом, а секој град – нова страница од нивната љубовна приказна.

– Со него, и најобичниот ден стануваше посебен. Имавме моменти кога гледавме изгрејсонце од прозорец на авион, а потоа слетувавме во сосема нов свет. Ги броевме моментите по летови, а не по датуми. Љубовта ни растеше меѓу терминали, хотели и неочекувани времиња за вечера – вели Марија.

Нивната љубов започна во еден од најжешките градови на светот, но расцуте во услови кои за многумина изгледаат како невозможна мисија – меѓу смените во авијацијата, културните разлики и предизвиците на секојдневието. Вистинската длабочина на нивната врска се покажа во секојдневниот живот во Кувајт – земја на контрасти, каде што пустината и модерниот живот се сплотени во едно. Иако на прв поглед „студен“ и далечен, Кувајт стана нивниот заеднички дом.

Никхил додава дека Кувајт, иако неподносливо топол со температури кои достигнуваат и над 50°Ц, нуди организиран, брз и технолошки олеснет живот, со клима-уреди на секој чекор, онлајн услуги за сè, модерна и перфектно организирана инфраструктура и чувство на постојана динамика. Вели дека сè е достапно: од храна и облека до медицински услуги – со само неколку кликови. Климата е контролирана, сервисите се брзи, а секојдневието – динамично, но олеснето.

– Секогаш викавме – Кувајт не е романтичен, но ни ја подари најубавата љубовна приказна. Не беше важно каде сме, туку што сме заедно. Дали пиеме чај во некој хотел во Абу Даби, или јадеме манго во Индија со моето семејство. Секој момент беше наше бегство, наш мир – раскажува Никхил.

Тие не само што патуваа низ светот, туку и растеа заедно. Марија учеше да го сака животот во нова култура, да се адаптира на индиските вредности и кувајтските правила. Нихкил, пак, учеше да ја разбере македонската топлина, отвореноста и емоционалноста. Секој ден им носеше нова лекција за животот, за себеси, но најмногу – еден за друг.

– Живеевме еден динамичен живот. Постојано во движење, секој ден нова земја, нови луѓе, ново искуство. Тоа беше прекрасно, но и исцрпувачко. Сфативме дека сакаме нешто свое – порелаксиран, но исполнет живот, каде што ќе можеме да изградиме нешто заедничко – вели Марија.

Taa и Нихкил почувствувале дека нешто им недостига – блискоста, топлината на луѓето, природата, и чувството на припадност. По седум години заеднички живот и работа во Кувајт решиле дека е време за нова етапа во животот. Марија и Никхил решиле да заминат од Кувајт, но не во некоја голема светска метропола – туку во Скопје.

Да се вратиш дома: Македонија како земја на можности

По седум години љубов, заеднички живот и работа во Кувајт, Марија и Нихкил решија да се вратат во Македонија – земјата каде што срцето на Марија отсекогаш припаѓало, а каде и Нихкил брзо ја најде својата втора татковина.

– Сакавме нашето идно семејство да порасне таму каде што животот е поврзан со природата, со вредностите што не се губат. Македонија ја носев во срцето цело време – вели Марија.

Многумина би ја прашале Марија – зошто Македонија? Зошто враќање, кога повеќето млади заминуваат?

– Затоа што верувавме во потенцијалот на оваа земја. Македонија е сè уште неискористен ресурс – полна со паметни, трудољубиви луѓе, со креативни идеи и топла душа. Сметаме дека не мора да бидеш во Лондон, Дубаи или Берлин за да успееш – можеш и тука, ако имаш визија и не се плашиш од работа – објаснуваат Марија и Никхил.

Но, нивната приказна не е само инспиративна, таа е и реална. Не се сретнале со ѕидови во Македонија, туку со отворени врати. По нивното враќање во Скопје, пријатно се изненадени од срдечноста со која беа пречекани. Луѓето им излегуваат во пресрет со искрени насмевки, совети и поддршка. Институциите, на нивно изненадување, се покажаа достапни и кооперативни. Така било и кога решиле да почнат свој бизнис.

– Не е толку тешко да се започне бизнис колку што луѓето мислат. Секако дека има административни процедури, но ако си упорен и ги прашаш вистинските луѓе, ќе добиеш помош – вели Нихкил.

– Институциите беа кооперативни, процесите беа појасни отколку што очекувавме, и најважно – луѓето со искуство во угостителство беа спремни да споделат совет, насока или едноставно да ни кажат: Ако нешто треба, тука сме! – додава Марија.

– Тоа многу ни значеше. Не се чувствувавме како странци, туку како дел од една заедница која сака да види нови идеи. Македонија навистина знае да го препознае и да го поддржи трудот, особено кога доаѓа од срце – дополнува Никхил.

Од идеја до мал уникатен ресторан – здрава алтернатива на брзата храна

Од таа верба се роди и нивното прво заедничко дело – Healthy Junk Food Corner 888, мал, но уникатен ресторан во Скопје што нуди здрава алтернатива на брзата храна, инспирирана од нивните патувања и култури. Велат дека тоа е концепт кој го спојува најдоброто од светот и локалната македонска гастрономија. Нивниот мал, но топол ресторан, велат дека е создаден со љубов, каде се служат здрави, фузионирани јадења инспирирани од нивните патувања во Лондон, Њујорк, Бангкок, Манила, Мароко, Кина, Рим, Милано, Франкфурт и секако – Индија.

– Сакавме да создадеме нешто поразлично – храна што е вкусна, но и добра за телото. Здраво не мора да значи досадно, а „junk food“ не мора да значи нездраво – вели Никхил со насмевка.

Во нивниот ресторан се нуди глобален спој на вкусови: од меките индиски naan лепчиња до свежите салати, од ароматични зачини до иновативни house-made сосови. Најпознатиот производ – „Naanwich“ – е кулинарски мост помеѓу Исток и Запад, традиција и модерен животен стил.

– Секој оброк што го сервираме е дел од нашата приказна. Ги носиме вкусовите што сме ги пробале низ светот и ги претвораме во нешто ново, но блиско и домашно. Сакаме секој залак да носи приказна – комбинација од далечен вкус и локален мирис. Затоа користиме македонски свежи производи, зачини, билки, и ги комбинираме со глобални техники на готвење. Ресторанот е наш мал кулинарски мост, тука светот се сретнува со Македонија – додава Марија.

Порака до младите: Македонија не е изгубена, таа е само неискажана!

Преку својот личен пример, овој пар не само што го гради својот живот во Македонија, туку пораката на Марија и Нихкил до младите е едноставна, но силна: „Не мора да заминеш за да најдеш подобро. Понекогаш, подоброто е таму каде што имаш корени, само треба да ги засадиш правилно“.

– Не бегајте, Македонија не е изгубена, таа е само неискажана. Македонија е убава, не само природно, туку и човечки. Има топлина овде што не се наоѓа на други места. Ако имате идеја, страст, визија…останете и вложете ја тука – вели Марија.

Нихкил, пак, додава: „Македонија е како необработен дијамант. Само треба да се препознае вредноста. На младите им треба храброст, но и вера дека тука можат да направат нешто свое. Нашиот ресторан е мал пример, но е и пример дека може“.

И навистина, нивната приказна не е само за еден пар кој се вратил дома. Сакаат преку својот пример да инспирираат цела генерација дека со љубов, упорност и визија, може да се создаде живот полн со смисла, без да се бара среќата некаде далеку.

– Понекогаш, токму дома е местото каде што сите парчиња од мозаикот паѓаат на своето место – заклучуваат овие двајца млади луѓе, кои донесоа заедничка одлука да ја градат својата иднина во нашата Македонија.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ