Откако Даниел Рикардо доби отказ од тимот на РБ, сестринскиот тим на Ред бул во Формула 1, пристигна ново лице во најбрзиот циркус на денешницата. Не толку ново, но сега постојано лице – Лијам Лосон, кој веднаш реши да проговори за своето трнливо патување од Нов Зеланд до Формула 1 гридот.
Во последните години беше исклучително тешко да се влезе во Формула 1. Бројот на тимови е константен, а постарите возачи, кои веќе се на гридот, ги поместуваат границите на спортот и не отвораат место за младите надежи.
Ретки се оние што ќе добијат шанса, но деновиве Лијам Лосон е еден од нив.
Во четвртокот, Ред бул и неговата сестринска екипа, РБ, потврдија за разделбата со легендарниот Даниел Рикардо, и веќе следниот ден беше претставен Лосон.
Да се дојде до Формула 1 и да се заземе место на гридот, навистина е тешко. Но, за возачите од Австралија или од Нов Зеланд, потребно е чудо да бидат забележани во Европа.
Растејќи во близина на патеката „Пукекое“ во Нов Зеланд, Лосон се приклучил на локалните трки со картинг уште на рана возраст и како што победувал, напредувал до популарните домашни настани со едносед.
Потоа се преселил во Европа, на само 16 години, сè со цел да напредува кога е натпреварувањето во прашање. Ги спакувал куферите и отпатува за да се натпреварува во германскиот Ф4-шампионат, со холандскиот тим Ван амерсфорт рејсинг, благодарение на поддршката од спонзор од Нов Зеланд. Лосон откри дека, во овој период, неговите родители направиле огромна жртва.
- Моите родители и целото семејство навистина дадоа многу, особено во раните години со картингот. Моите родители ја продадоа куќата за да можам да продолжам да се натпреварувам. Тоа е огромен потег. Тие дадоа апсолутно сè за да можам да се тркам, дури и само со картинг, бидејќи е многу скапо – истакна Лијам во поткастот „Red Bull Talking Bull“.
Слично како Оскар Пјастри од Мекларен, кој како тинејџер живеел во интернат во Обединетото Кралство, и истрајноста на Лосон била тестирана кога живеел на 18.000 километри од дома.
- Ниту завршив средно училиште ниту ништо. Искрено, само гледав како да го остварам мојот сон. Секако, имаше тешки времиња, но никогаш не се колебав дали да го напуштам спортот и да се вратам дома – посочи Лосон.
Иако покажа потенцијал со завршувањето на второто место во својата прва сезона во Европа, тој не доби веднаш повик од една од помладите академии на Ф1. Се врати во Нов Зеланд и се натпреваруваше во Toyota Winter Series, за повторно да се врати во Европа.
- Така, со поддршка од неверојатни луѓе, кои беа покрај мене, спонзори и инвеститори, формиравме структура да собереме доволно пари за да одиме во Европа, за да ја завршиме сезоната и за да се обидеме да го привлечеме вниманието на јуниорскиот тим, бидејќи без тоа, немаше шанси да стигнам во Формула 1.
Имав добра сезона, но не добив повици од тимови. Потоа се натпреварував на ова првенство во Нов Зеланд, надвор од сезоната, без никаков план за 2019 година. Како дете вљубено во Формула 1, ја гледав секоја сезона и сонував да возам на ова натпреварување. И навистина, никогаш не се откажав – изјави Лосон.
За негова среќа, скаутите на таленти го следеле на воведната рунда од тркачката серија на Тојота за 2019 година. И тоа не какви било скаути, туку Хелмут Марко од Ред бул, кој го надгледувал постариот тимски колега на Лосон, Лукас Оер, тогашен член на јуниорската екипа на Ред бул.
Уште пред да успее да ги победи Оер и сонародникот Маркус Армстронг и да ја освои титулата, Лосон ја добил веста за која сонувал долго време.
- Мислам дека Хелмут го следеше тркачкиот викенд поради Лукас и јас имав навистина добар прв викенд. Кога се натпреварував во Ф4 во Европа, Џек Духан беше јуниор во Ред бул и заедно тестиравме на едно место. Се сеќавам дека го видов како се шета во облеката на Ред бул и помислив колку би било убаво да бидам дел од Ред бул. И добив повик по првиот викенд во Нов Зеланд, дознав ден-два подоцна. Седев во кафуле, се сеќавам каде седев. Кога ми се јавија, беше доста емотивно. Тоа практично ме одведе во совршен момент и ми ја спаси кариерата. Имав уште четири недели од тој шампионат и немав никаков план за потоа – се сеќава Лосон.
По тоа, Лосон се натпреваруваше во ФИА Ф3 и во Ф2, борејќи се со Оскар Пјастри, а паралелно, со поддршка од Ред бул, се натпреваруваше во болид на Ферари ГТ3, во германскиот шампионат за спортски автомобили ДТМ, каде што го освои второто место.
Завршувајќи трет во шампионатот Ф2 во 2022 година, Лосон ја обезбеди улогата на резервен возач во Ред бул, за сезоната на јапонската Суперформула во 2023 година.
А, потоа имаше уште една пресвртница во неговата кариера и шанса што тој со душа ја прифати. На тренинзите за Големата награда на Холандија, кога го скрши Даниел Рикардо зглобот, Лосон доби можност да го замени на следните пет трки. На типичен начин за Ред бул, Лосон беше фрлен во оган. Но, остана со студена глава и успеа да освои бодови на исклучително напорната трка за ГН на Сингапур.
Откако Рикардо доби шут-карта, Лосон доби можност да се бори со Цунода за место во Ред бул. И по толку многу жртви од неговото семејство, што му даде шанса да успее, и интересот на Ред бул токму кога, можеби, беше на работ да се откаже, добивањето место во Ред бул навистина би било трето чудо на тешкиот пат до врвот.