Лоши вести од германскиот гигант: Отказите се неминовни, 12.000 работни места „висат на конец“

976
Фото: pexels

Компанијата „Бош“ планира да укине 12.000 работни места ширум светот до 2032 година, а само во Германија оваа одлука би можела да погоди 7.000 работници, пишува „Билд“.

„Нема да можеме да избегнеме натамошно намалување на бројот на вработени“, рече извршниот директор на Bosch, Стефан Хартунг, наведувајќи ги како причини слабата глобална економија во автомобилскиот сектор, зголемената конкуренција од Кина и слабата потрошувачка моќ.

Голем проблем е преминот од мотори со внатрешно согорување на електричен погон. Според Хартунг, овој процес ќе доведе до значително губење на работни места. Сепак, позитивниот аспект е што електрификацијата доаѓа побавно од очекуваното, што овозможува подолго користење на постоечките капацитети за моторите со внатрешно согорување.

Исто така, многу вработени ќе се пензионираат пред да бидат укинати нивните работни места. Сепак, како што нагласи извршниот директор на Bosch, само ова нема да го реши проблемот. Тој додаде дека „нема алтернатива за електричната мобилност“ и дека Bosch се прилагодува на тоа.

На крајот на 2024 година, Bosch Group имаше 417.900 вработени ширум светот – 11.500 помалку од една година порано. Само во Германија бројот на вработени е намален за 4.400, на вкупно 129.800.

Минатата година добивката пред камати и даноци (EBIT) падна за една третина – на 3,2 милијарди евра. Во 2023 година, Bosch оствари оперативен профит од 4,8 милијарди евра. Приходите паднаа за еден процент, на 90,5 милијарди евра.

ИЗДВОЕНИ