Лопати, ракавици, вреќи, воки токи…се прекрстуваат па ладнокрвно убиваат!

ПРИКАЖАНИ МОРНИЧАВИ СНИМКИ НА РОЧИШТЕТО ЗА ГРОЗОМОРНОТО УБИСТВО

2821

Последните докази на обвинителството, снимките од видео камерите од куќата на обвинетиот Велибор Манев, кои беа презентирани на судењето за двојното убиство на Панче и Вања, и зададоа силен удар на одбраната на првообвинетиот. Она што можеше да се види од снимките ја запечатија верзијата на обвинителниот акт, дека првоосмничениот Љупчо Палевски бил организатор на групата од Десна која ладнокрвно ликвидира повозрасен човек и младо девојче. Палевски пак вели дека не се препознал на снимките.

Имено, на снимките од 21 ноември, ден пред да биде убиен Панче Жежовски, во дворот од куќата на обвинетиот Велибор Манев, за прв пат не само што се гледаат сите обвинети заедно на куп, туку и за прв пат јасно се гледа обвинетиот Палевски-Палчо. Собиранката започнува некаде околу 20 часот навечер, обвинетите еден по еден доаѓаат да ги направат последните проверки пред да заминат во куќата на Жежовски која се наоѓа на пет минути од таа на Манев во велешката населба Дорутовец. Палевски доаѓа заедно со обвинетиот Влатко Кешишев со пикапот рено-кангу, а обвинетиот Боре Видевски со својот автомобил шкода. Сите се  облечени идентично, носат исти безбол капи, црни слушалки во десното уво, микрофон закачен на јакните и некои од нив во раката држат воки-токи. Во еден момент се гледа како се разделуваат со цел да ја тестираат радио врската. Палевски се гледа како мафта со рацете и дава инструкции. Кешишев е задолжен за набавка на бензин наполнет во галони, обвинетиот кој на полицијата подоцна и раскажал за гревот што го направил, се гледа како се крсти со десната рака пред да заминат кон куќата на Жежовски. Обвинителката го прецизираше времето за секое нивно движење, па така некаде по 22 часот, пешки заминуваат кон домот на фризерот од кои се претпоставува бараат наводен долг од 500 евра. Околу полноќ групата се разделува, се до утрината околу 6 часот кога повторно се собираат во дворот на Манев. Веќе е ден и сообраќајот е поразвижен, па обвинетите на секое поминување на возило клекнуваат и се кријат зад автомобилот на Видевски. Обвинителката ја потенцираше тренерката со која е облечен Манев, бидејќи по неа е идентификуван подоцна во возилото цитроен на Жежовски. Некаде по седум часот по втор пат заминуваат кон куќата на Панче, сега со цел да го грабната, а подоцна и ладнокрвно застрелаат. Пред да започен ОЈО да ги презентира видеоснимките, одбраната на Палевски побара да не бидат изведени бидејќи станува збор за дополнување на доказната постапка, но судот го одби таквото барање. За цело време од рочиштето Палевски беше видно вознемирен и не ги гледаше снимките на големиот телевизиски екран во судницата.

Имало неуспешен обид за киднапирање на Вања  

По два дена, во истата куќа на Манев во селото Дорутовец, обвинетите ја започнуваат подготовката за грабнување и убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. На 24 ноември, во ситните утрински часови обвинетиот Боре Видевски доаѓа со неговата шкода, ги носи истата јакна и капа од денот на убиството на Панче. Со Велибор Манев разменуваат црни ракавици, а Боре Видевски ги навлекува на рацете. Тргнуваат кон дворот од куќата на  претходно убиениот и закопан Панче Жежовски. Околу 4.30 часот, надвор сè уште е темница, а од дворот излегува рено кангуто, а го вози Манев. Седнува и Видевски во него и заминуваат во правец на градот. Како што кажа обвинителката по неуспешниот обид за грабнување на Вања утрото на 24.11.2023 година, во 10 часот во дворот влегува рено кангуто. Од совозачкото излегува Боре, од возачкото Манев, а каратистот си заминува со шкодата. Јавноста воздивна на тоа што следуваше од снимката, обвинетиот Манев вади две лопати кои ги држи во левата рака и ги носи кон куќата.Од „кангуто“, вади вреќа која наликува на вреќа за спиење, со темносина боја, ја дипли и ја враќа назад во пикапот.

Ноќта во 22 часот на 26 ноември 2023 година, пред да биде грабната и убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, возилото „Рено кангу” се упатува кон Скопје. На последната снимка од камерите од домот на обвинетиот Манев , во 13 часот тој со својот  автомобил „Мерцедес” пристигнува пред неговата куќа, ја отвора капијата и паркира во дворот. Облечен е во сив џемпер со црна лента со кој беше регистриран на снимките на сејф сити, како совозач во „кангуто” што го управуваше Љупчо Палевски по убиството на Вања. Ова е времето откако во Скопје е извршено грабнувањето и убиството на оштетената Вања – рече обвинителката.

На видео од камерата од 29.11.2023, се гледа како во 16 часот во дворот на Манев пристигнува обвинетиот Боре Видевски. Двајцата разговараат во дворот.

– Ова значи дека двајцата обвинети и по настанот од 27.11 имале комуникација. Во 16.45 влегуваат во куќата. Може да се забележи дека овде обвинетите Велибор и Боре не носат никакви капи на главите, а носат телефони во рацете. Тоа претходно, кога се случуваа настаните, не беше случај – рече обвинителката.

На последната снимка од 29-11-2023 презентирана од обвинителството се гледа како во попладневните часови обвинетите излегуваат од куќата, Видевски држи телефн во раката и му покажва нешто на Манев. Двајцата гледаат во телефонот, по што Боре заминува.

Обвинетиот Љупчо Палевски, пак, смета дека снимките се „неверодостојни и манипулирачки“.-Последен пат со обвинетите сум бил на 5 мај, а не на 22 ноември. На снимките себеси не се препознавам. Невозможно е да не оставам траги во „кангуто“, а да оставам дури седум во „ренџ роверот“ со кој одев во Турција, рече Палевски и најави нови докази кои ги добил од свиркач од МВР, кој, според неговите зборови „наместо да биде награден е избркан од работа“.

Со овие докази обвинителството ја заокружи својата истрага за убиствата кои ја потресоа македонската јавност, беа сослушани многу сведоци и презентирани материјални докази. Она што следува се доказите на одбраната и соочување на обвинетите.(П.А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ