Велика Британија ќе објави нов пакет санкции против Русија во понеделник по повод третата годишнина од почетокот на војната во Украина, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.
„Време е да ги затегнеме завртките против Русија и (Владимир) Путин“, се вели во изјавата на министерот.
„Утре планирам да го објавам најголемиот пакет санкции против Русија од почетокот на војната, за да ја осакатувам нејзината воена машинерија и да ги намалам приходите што го поттикнуваат уништувањето на Украина“, додаде Лами.
Европската унија, исто така во понеделник, треба да усвои нов пакет санкции против Русија, кои меѓу другото ќе вклучуваат забрана за увоз на руски алуминиум во Унијата. Лондон веќе воведе санкции за повеќе од 1.900 поединци и други субјекти како одговор на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
„Ова е критичен момент за историјата на Украина, Велика Британија и цела Европа. Затоа е време Европа да ја удвои поддршката за Украина“, изјави британскиот министер Лами, чија земја е клучна во поддршката на Киев.
Тој потсети дека Велика Британија останува посветена на воена помош од три милијарди фунти (36 милијарди евра) за Украина годишно и дека е подготвена, доколку е потребно, да испрати војници како дел од мировните сили доколку се постигне прекин на огнот.
„Работиме со САД и нашите европски партнери за да постигнеме траен и праведен мир и јасни сме дека ништо не може да се случи во врска со Украина без Украина“, рече тој.
Британскиот премиер Кир Стармер во четврток во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, кој во последните денови ги зголеми критиките кон украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп, исто така, ги обвини Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, кој утре треба да ја посети Белата куќа, дека „не преземаат ништо“ за да се стави крај на војната во Украина. Европејците збунети од ненадејниот американско-руски дијалог за Украина стравуваат дека Трамп ќе ја заврши војната под услови поволни за Москва без да му обезбеди безбедносни гаранции за Киев.
Од почетокот на војната во Украина, Обединетото Кралство, во координација со своите партнери, особено европските, воведе бројни санкции кон Русија, кои се состојат од замрзнување на имотот и забрани за патување.
Овие мерки се насочени конкретно кон рускиот финансиски, авијациски, воен и енергетски сектор, како и поединци блиски до режимот на Владимир Путин или оние кои се вклучени во војната, а се однесуваат и на трети земји.