Транспонирање на Директивата за претставнички (колективни) тужби и за Заштита на колективните интереси на потрошувачите е целта на експертскиот форум во рамки на проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“, организиран од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ).
Како што истакна претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова, македонските потрошувачи во овој момент имаат помалку права од европските, бидејќи сè уште не е транспонирана Директивата за заштита на колективните интереси на потрошувачите.
-Директивата за заштита на колективните интереси на потрошувачите кај нас не е транспонирана во Законот за потрошувачи кога се носеше пред две години. Таму е старата директива која не дава толку многу заштита на потрошувачите, особено не во доменот на обесштетување што треба да оди преку колективните тужби кога се работи за масовни оштети, изјави Лончар Велкова пред почетокот на настанот.
Таа вели дека кај нас сега не може да се поднесе колективна тужба. Во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за парнична постапка имаше одредби за тоа, но се повлече законското решение баш поради колективната тужба која требаше да се воведе како нов инструмент. Сега мора да се оди со индивидуални тужби за обесштетување, иако се оштетени голем број на потрошувачи, рече Лончар Велкова и додаде дека тоа е скапа процедура која одзема многу време и пари.
Сега, како што истакна, ОПМ може да бара привремена мерка пред Судот за да се забрани одредено дејствие од страна на одреден давател на услуги во 64 области колкав што опсег има оваа директива. Колективна тужба, како што посочи, би можела да се поднесе против секој што масовно ги оштетил правата на потрошувачите, а особено е добра за масовни оштетувања на голем број потрошувачите за мали износи. Првично се оди со поплака и барање кон давателот на услугата или трговецот со барање за обесштетување што тешко се постигнува.
-Во овој домен надлежен е и Државниот пазарен инспекторат, меѓутоа судската постапка е подруга и овозможува голем број потрошувачи да бидат обесштетени со одреден износ на средства за повеќе слични или исти проблеми. Може да биде во нечесните договорни одредби, нечесното пазарно однесување и сето она што го уредува Законот за заштита на потрошувачи, но и други закони, прецизира Лончар Велкова.