Љутков најави комплетна ревизија на постапката за реконструкција на Универзална сала

254

Конечниот извештај од лабораториските испитувања на носивоста на челичните елементи што се непосредно до прстенот на највисокиот дел од конструкцијата на Универзална сала ќе биде готов в понеделник. Тој ќе покаже дали куполата на Универзална сала е оштетена, иако првичните испитувања на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени во акредитирана лабораторија покажаа дека не е намалена носивоста на шесте челични елементи што се непосредно до прстенот на највисокиот дел од конструкцијата на Универзална сала.

Од друга страна, пак, новиот министер за култура, Зоран Љутков, најави дека ќе се прави комплетна ревизија на постапката за реконструкција на Универзална сала. Тој потенцираше дека Министерството за култура нема да одобри никакви активности на салата додека трае ревизијата

 

Реконструкцијата на Универзална сала, како што стојат работите, ќе се одолговлечи. Конечниот извештај од лабораториските испитувања на носивоста на челичните елементи што се непосредно до прстенот на највисокиот дел од конструкцијата на Универзална сала ќе биде готов в понеделник и ќе покаже дали куполата на Универзална сала е оштетена.

Првичните испитувања на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени во акредитирана лабораторија покажаа дека не е намалена носивоста на шесте челични елементи што се непосредно до прстенот на највисокиот дел од конструкцијата на Универзална сала. Директорот на ИСОГКП, Михаил Гаревски, не сакаше да даде информации во однос на конечниот извештај. Тој нагласи дека ќе ги сподели сите детали со медиумите в понеделник.

Иако, Гаревски рече дека веднаш ќе можат да продолжат реконструктивните зафати, новиот министер за култура, Зоран Љутков, најави дека ќе се прави комплетна ревизија на постапката за реконструкција на Универзална сала. Тој потенцираше дека Министерството за култура нема да одобри никакви активности на салата додека трае ревизијата.

– Целата постапка во однос на преземањето на Универзална сала на Министерството за култура од Град Скопје е доста проблематична и јас не би сакал да го ставам мојот потпис на ниту една потамошна акција што ќе се случува со салата. Испративме допис до Државниот завод за ревизија, да ја испита целата постапка од самиот почеток, па досега и ќе донесеме заклучоци по таа ревизија – изјави министерот Љутков.

Универзалната сала во Скопје се запали на 9 април годинава, само по еден месец откако почнаа градежните работи за нејзина реконструкција и по 10 дена откако беше поставена новата купола. Веднаш по пожарот, од градежната фирма „Универзал – Балкан“ рекоа дека, најверојатно, се запалил стар кабел или некоја стара инсталација.

Тогашната министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, кажа дека предвидениот рок за градба до 2026 година ќе се запази, односно концертната сала нема да остане недоправена.

Љутков кажа дека уште не се знае ни што ќе биде со проектот „Скопје – Европска престолнина на културата во 2028“.

– Сè уште не сме започнале со тој процес, се прават консултации и до септември ќе ги имаме официјалните информации како ќе продолжи тој процес, кој е закочен, како што се закочени сите процеси последниве неколку години – нагласи Љутков.

 (А.П.)