Лизгањето во Скопје почнало на замрзнатото скопско езерце во Градскиот парк, а првото лизгалиште во Скопје било отворено на почетокот од седумдесеттите години од минатиот век.
Тогаш никој немал вистински лизгалки, туку се импровизирало. Се носеле високи чевли, а над нив штици, кои се местеле со шраф. Првите лизгалки во Скопје ги донел некој Словенец, а потоа се појавиле во продавниците на тогашната „Македонија спорт“. Имало машки и женски, според големината и бојата. Женските обично биле бели, а оние за хокеј биле само за привилегираните.
Местото под Калето каде што некогаш доаѓале рекреативци, се тренирало уметничко лизгање и се играло хокеј, денес е нефункционално. Според некои кажувања, за викендите на лизгалиштето доаѓале од 3.000 до 5.000 рекреативци.
На 24 февруари 1969 година, во Скопје било одржано Светското првенство во хокеј на мраз. Во нашиот град се играле натпреварите од Ц-групата. На турнирот учествувале селекциите на Јапонија, Швајцарија, Унгарија, Холандија, Бугарија и на Данска.
Токму за потребите на првенството почнала изградбата на лизгалиштето под Калето. Со тоа почнало и раѓањето на квалитетниот македонски хокеј, кој го имал своето златно време во следните две децении, со кулминација на средината од осумдесеттите години. Првенството го следеле 70-мина новинари, постоел современ прес-центар за тоа време, се водела комплетна статистика за стрелците, асистенциите, исклучувањата. Биле одиграни 16 натпревари во убав амбиент и пред полни трибини. Јапонците тогаш биле најуспешни од оваа група селекции во хокеј.
Скопје станало најјужниот домаќин на едно Светско првенство во хокеј на мраз. Во Скопје тогаш постоеле два клуба: „Вардар“ и „Скопје“, кои се натпреварувале во тогашната единствена Прва сојузна лига, а потоа и во Втората лига. На почетокот од осумдесеттите години, двата клуба се распаднале.
Скопјани се сеќаваат дека тоа биле преубави времиња, кои будат прекрасни спомени кај нив.
– Колку ли време поминував на ова лизгалиште? Едвај чекав да дојде викенд и да одам, а за другарувањето да не зборувам – вели скопјанка.
Татјана вели дека имала лизгалки, кои ѝ ги подарил вујко ѝ.
– Ќе направевме мал одмор, потоа задолжително пиевме салеп и повторно назад на лизгање, на ново измазнетиот мраз. И секако, мораше да почитуваме да се вратиме дома во одредено време – се сеќава таа.
(А.П.)