На 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, во Галерија 2 при Младинскиот културен центар, со почеток од 20 часот, ќе се отвори самостојната ликовна изложба „Линии и бои (интроспекции)” на писателот Христо Петрески, кој активно се занимава и со сликарство и ликовна критика. На свеченото отворање на изложбата ќе настапат поголем број македонски писатели кои ќе читаат своја родољубива поезија.
-Сликарот се изразува преку линии, форми и бои, а писателот преку зборови, симболи и метафори. Но, уметноста нема граници и бариери, односно тие се тенки и речиси непостојни и невидливи, па идеите, емоциите и пораките се прелеваат, зрачат и значат. Оваа изложба, всушност, е уште една авторска интроспекција, еден оттргнат дел од мозаикот, парче душа, троа материјализиран облик и изблик, дел и фрагмент од просторот и времето…, се вели кон изложбата.
Инаку, Петрески досега има повеќе од 20 самостојни ликовни изложби во нашата земја и има учествувано на три меѓународни ликовни колонии. Основач е на традиционалната Мултимедијална колонија во Битола, како и на Галеријата на познатите во Скопје. Автор е на книгата „Ликовната уметност е она што (не) се гледа”. Меѓународното списание „Диоген про-култура” посвети цел тематски број за ликовното творештво од Петрески.
Изложбата ќе трае до 14 февруари.