Лимани се провози со електричен автобус низ Гостивар

23

Градоначалникот на Општина Гостивар, Ваљбон Лимани, и општинската администрација денеска први се качија во електричниот автобус, кој не прави бучава и не испушта штетни гасови и кој имаше пробно возење, а воедно беше и презентиран. Автобусот е со капацитет од 25 до 29 лица, со пристап и за граѓаните со попреченост, а набавувач е компанијата„Ауто Македонија“.

– Гостивар е дел од „Исузу бас еуро тура 2024“. Граѓаните ќе можат да се повозат и да видат кои се придобивките Гостивар да има јавен градски превоз. Се надевам дека ова може да биде почеток на воспоставување јавен превоз. Ќе се направи студија и ќе видиме кои натамошни чекори ќе ги преземеме понатаму – изјави Лимани.

На прашање дали има Општината финансиска сила да набави вакви електрични автобуси, првиот човек на Гостивар истакна дека доколку покаже студијата оти е исплатливо и добро, ќе се најдат финансиски извори да се оствари тоа.

Според информациите што ги дадоа претставниците на компанијата набавувач на автобусот, цените на ваквите автобуси се движат од 100.000 до 300.000 евра.

– Дојдовме во Гостивар да промовираме нов, модерен електричен автобус, кој има 0 емисија на издувни гасови, не произведува никаков звук. Сакаме да дадеме можност да се возат гостиварци во еден европски, модерен автобус. Во оваа пригода сакам да му се заблагодарам на градоначалникот што ни дозволи да се вклучиме во градскиот сообраќај – истакна Елена Тодорова, комерцијален директор на „Ауто Македонија“.

Тест-возења на електричните автобуси ќе се организираат и низ други градови во Македонија.