Лидерска средба без причина и поента – Предлогот на СДСМ – губење време и за партиските челници и за аналитичарите

770

Лидер што поднесе оставка поради крајно криминалниот тендер за модуларните болници, каде што изгореа наши сограѓани и одговорност понесе кабелот – ќе предлага мерки. Мислам дека во Македонија е време да не им се дава внимание на вакви личности и тие да сносат одговорност за своите постапки, а не да предлагаат лидерски средби  и планови, изјави аналитичарот Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР. – Сериозните теми бараат сериозен пристап – коментираше премиерот Христијан Мицкоски, кој ја отфрли идејата за лидерска средба, но не и за средба со Филипче. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пред неколку дена најави дека неделава, во Собранието, ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира својот план – што тој смета дека е обврска да се направи за државата, бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење политика, на политичка борба не даваат доволно брзо резултати“.

 

Евентуална средба на лидерите на партиите не би имала поента, сметаат политичките аналитичари. Политикологот Синиша Пекевски, за весникот ВЕЧЕР, не гледа причина за таква средба иницирана од СДСМ, кој не само што имал можност да воспостави нов систем и да спроведе правна држава во време на своето седумгодишно владеење, не само што не направил чекор напред, туку со своите постапки ја уназадил државата.

Политиколог Синиша Пекевски

– Би се согласил со изјавата на лидерот на Алијанса, Арбен Таравари, кој вели дека не гледа причина да има таква средба и поента за таква средба. Партијата што буквално ја уназади 100 години државата, што изгласа неказнивост на политичарите, што ја унапреди и ја подигна на ново ниво корупцијата, има што да каже. Дополнително, лидер на партија што е избран на крајно сомнителен начин, каде што противкандидатите во партијата обвинија за корупција и за кражба, ќе зборува за предлози. Истовремено, лидер што поднесе оставка поради крајно криминалниот тендер за модуларните болници, каде што изгореа наши сограѓани и одговорност понесе кабелот – ќе предлага мерки. Мислам дека во Македонија е време да не им се дава внимание на вакви личности и тие да сносат одговорност за своите постапки, а не да предлагаат лидерски средби  и планови – изјави Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пред неколку дена најави дека неделава во Собранието ќе ги повика на средба лидерите на најголемите политички партии на кои ќе им го презентира својот план – што тој смета дека е обврска да се направи за државата, бидејќи, рече, „очигледно е дека конвенционалните начини на водење политика, на политичка борба не даваат доволно брзо резултати“.

На ова, Таравари одговори: “не знам што би правеле на лидерска средба кога институциите беспрекорно работат, тоа би било само губење време“.

-Ние сме заинтересирани да се решат проблемите што ги имаме како институции, неуморно работиме секојдневно и тоа би било само губење време. Сметаме дека постојат институции што функционираат, дека не е моментот и не знам што би правеле на лидерска кога институциите беспрекорно работат и за здравјето на овие луѓе и за третманот, но и за да се најдат виновниците во овој случај, како и во другите, со оглед што ова е четврти случај за пет години – истакна Таравари.

Ставот на целата коалиција „Вреди“ е дека Филипче нема кредибилитет да повикува на лидерска средба.

– По најавите од СДСМ дека ќе бараат анкетна комисија за Кочани, кое, очигледно, е во координација со нивните пулени ДУИ, кои наивно веруваат дека може да се претстават како лажни жртви на политички прогон, господинот Венко Филипче потврди дека има намера да ја политизира колективната трагедија и со тоа нема кредибилитет да повикува на лидерска средба. Доволна им е координацијата со ДУИ – се наведува во коалицискиот став на „Вреди“ испратен до медиумите.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја отфрли идејата за лидерска средба, но не и за средба со Филипче, потенцираше дека „сериозните теми бараат сериозен пристап“.

– Лидерската средба е пресериозна тема за да се разговара преку медиумите. Од тоа што можев да го разберам во јавноста е дека Филипче има некаков предлог, план. Тој може да го соопшти тој план преку прес-конференција, но доколку цени дека и мене претходно треба да ме информира и запознае, секогаш сум тука. Сериозните теми бараат сериозен пристап – рече Мицкоски.

Околу барањето за анкетна комисија за истрагата во Кочани, кажа дека е прифатливо, но само ако бидат опфатени и случаите од минатото како пожарот во Модуларната во Тетово и несреќата кај Ласакрци. Во врска со незадоволството на опозицијата од начинот на кој се води истрагата за пожарот во Кочани, премиерот потенцира дека е водена од обвинители што самите тие ги избрале, додека и дека паузирањето на процесот на разрешување на државниот обвинител Коцевски не е трајно, туку им е оставен простор на обвинителите да ја завршат истрагата за Кочани.

Партијата ЗНАМ, пак, ќе се изјасни дали ќе учествува на лидерска средба откако ќе ја добие иницијативата што ја најави Филипче.

– Да ја добиеме иницијативата и да ја видиме, па ќе се изјасниме – изјавија од партијата.

Од ДУИ посочија дека прво мора да се формира парламентарна комисија со меѓународен надзор, а потоа да се размислува за други чекори.

– Затоа ги повикуваме сите пратеници што не сакаат една од најголемите трагедии во државата да заврши со најголемата правна фарса на селективна правда и заробување на државата, денеска да ја потпишат иницијативата на „Европскиот фронт“ за формирање на оваа комисија – посочуваат од ДУИ.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ