ПРАТЕНИЦИТЕ ЈА ИЗГЛАСАА ПРВАТА ПРОМЕНА ВО ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА ДЕЦАТА |
Лиценците за негуватели во детските градинки ќе се издаваат и на албански јазик на барање на кандидатот, промената е во Законот за заштита на децата која што денеска попладне ја изгласаа пратениците во македонското Собрание. Мнозинство од 66 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ го прифатија амандманот со ваква содржина претходно усогласен од нивната страна. Против гласаа 20 пратеници од СДСМ, Левица и ДУИ.
Според предлагачите, „лиценцата за работа е јавна исправа и се издава во два примерока, од кои едниот примерок е за подносителот на барањето, а другиот примерок останува во Министерството за социјална политика“. -Лиценцата се издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а доколку подносителот на барањето зборува јазик кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија, на негово барање истата му се издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот кој го зборува и неговото писмо, се наведува во амандманот.
Според образложението, амандманот се предлага за да се допрецизираат одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата поради одлуката на Сиљановска-Давкова да не го потпише указот за Законот. Нешто по 14 часот во Собранието е дадена пауза откако беше оворена расправата по амандманот прелдожен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се предвидува начинот на полагањето за добивање на лиценци. Предлогот е, „првиот дел од испитот да се полага по електронски пат со одговарање на определен број прашања со решавање на електронски тест на компјутер, на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а доколку кандидатот го зборува јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија, на негово барање му се овозможува да го полага и на јазикот кој го зборува и неговото писмо“.
Според владејачката партија, кога единствениот електронски систем за полагање на стручниот испит за стекнување на лиценца за работа не е во функција, а поради крајна итност за да не дојде до застој во континуираното вршење на процесот на лиценцирање, првиот дел од испитот се полага писмено во хартиена форма, на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а доколку кандидатот го зборува јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Северна Македонија, на негово барање му се овозможува да го полага и на јазикот кој го зборува и неговото писмо. Според очекувањата, и овој амандман најверојатно ќе биде усвоен од парламентарното мнозинство откако ќе биде продолжена седницата.