Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, упати апел до Министерството за внатрешни работи (МВР) за итна реакција и апсење на лицата кои им нанесоа тешки телесни повреди на инспекторите од Град Скопје.
-Добар ден МВР, би сакале да Ве информираме дека лицата кои пред извесно време им нанесоа тешки телесни повреди на инспекторите од Град Скопје поради кои нашите вработени завршија во Ургентен центар, лицата кои извршија насилие со физички напад со метални шипки бидејќи беа фатени за креирање депонија и нејзино палење на улица Скупи, сè уште се на слобода.Истата банда која повеќе пати е затекната во вршење на дела со кои ги загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните, си продолжуваат со своите активности континуирано дополнети со насилство и закани. Било кој друг да е фатен за истиве дела до сега експресно ќе беше изведен пред лицето на правдата и со судска пресуда казнет за тоа што не труе секој ден – напиша Арсовска на социјалните мрежи.
Таа ги повика скопјани, бидејќи како што вели не се постапува по официјални пријави да го пријават настанот и заедно да побараат правда.
Скопската градоначалничка информираше и дека е завршено чистењето на дивата депонија кај кејот на реката Вардар во општина Гази Баба, која зафаќала површина од над 13.000 квадратни метри.
-Собрани се над 4.000 кубни метри комунален отпад и градежен шут кој секојдневно придонесуваше кон загадување на животната средина и го загрозуваше здравјето на жителите од оваа општина – истакна Арсовска.
При тоа, додаде дека Градот Скопје интензивно работи и на чистење на депонии во населбата Лисиче, Ново Село во општина Ѓорче Петров, како и на целосно чистење на дива депонија во населено место Брњарци, општина Гази Баба.
-Чистење на сите диви депонии во Скопје е приоритет, со цел превенција на загадување на воздухот, почвата и водите и заштита на здравјето на граѓаните. Ги охрабруваме граѓаните да се вклучат во оваа акција на Градот, со тоа што ќе пријавуваат диви депонии, но пред се, да бидеме совесни граѓани кои се однесуваат еколошки одговорно и се грижат за својот град и животната средина – повика Арсовска.