Либанскиот претседател Џозеф Аун вечерва ги повика САД и Франција, гаранти на договорот за прекин на огнот со кој заврши војната меѓу Израел и движењето Хезболах, да го принудат Израел веднаш да ги прекине своите напади, по бомбардирањето на предградијата на Бејрут.
Аун го осуди израелскиот напад врз јужните предградија на Бејрут и додаде дека „САД и Франција, како гаранти на договорот за прекин на огнот, мора да ја преземат одговорноста и да го принудат Израел веднаш да ги прекине нападите“.
Израелската војска денеска соопшти дека нападнала складиште со „прецизни проектили“ на либанското движење Хезболах во Бејрут.
Ова е трет напад врз јужните предградија на Бејрут по прекинот на огнот со кој заврши двомесечната војна меѓу проиранското движење Хезболах и Израел на 27 ноември.