EPA-EFE/PETER POWELL

Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, се присети на старите добри времиња за него со победата на трката за Големата награда на Велика Британија. Ова за него е 104. победа во кариерата, со која стана рекордер по бројот на триумфи во најбрзиот циркус на денешницата.

Хамилтон успеа да ја задржи предноста пред актуелниот шампион Макс Верстапен од Ред Бул и да ја оствари првата победа по трката во Саудиска Арабија во 2021 година.

Инаку, ова е негова последна трка за Мерцедес на неговата домашна патека во Силверстон, бидејќи следната сезона се сели во Ферари. Овој триумф го доживеа мошне емотивно, па се расплака по трката.

Второто место го освои Верстапен, а трет низ целта мина Ландо Норис. Откако ја мина целта, Хамилтон едвај се воздржа да не заплаче додека зборуваше на радиоврската, а кога го виде татко му на целта, не можеше да се воздржи. Хамилтон го прегрна, а потоа почна да плаче.

  • Не можам да престанам да плачам. Имаше денови од 2021 година до денес кога мислев дека веќе не сум доволно добар и кога не верував. Но, секој ден работев напорно и се обидував повторно да бидам на ова место. Ова е мојата последна трка овде со Мерцедес и сакам да им се заблагодарам на сите во тимот за нивната неверојатна поддршка сите овие години. Ви благодарам и вам, навивачите. Ве гледав при секоја кривина, ме туркавте напред и вашата поддршка ми значи многу, изјави 39-годишниот Хамилтон, кој следната сезона ќе вози за Ферари.