Собраниската расправа за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја одбележаа меѓусебни обвинувања за институционални пропусти, политичка одговорност и неспособност во справувањето со безбедносните предизвици.
Пратеникот на „Левица“ Борислав Крмов во процедуална забелешка побара Собранието да ги отвори вратите за родителите на загинатите деца од Кочани кои денеска протестираат пред Собранието за да можат да ја следат седниците од галеријата во Собранието.
– Јас барам, ако парламентарното мнозинство се чувствува толку силно, мислат дека сè што направиле е во ред, се чувствуваат чесни, го бранат ревносно нивниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, да ги отворат портите на Собранието за да ги пуштиме родителите на загинатите горе во галеријата да ја следат седницата, рече Крмов и за таа цел побара еден час пауза.
Претседателот на Собранието Африм Гаши даде пауза и при тоа го оцени како манипулација со јавноста ваквото барање на Крмов, бидејќи според законските одредби, тоа требало да биде претходно најавено.
Пратеникот од СДСМ, Миле Талевски рече дека гласањето за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи е прашање на државна одговорност, а не партиска определба.
– Глас „ЗА“ интерпелација на министерот Панче Тошковски не е прашање на политика, туку прашање дали ќе опстои државата, дали ќе има правда, безбедност и сигурност, рече Талевски.
Арбана Пашоли од ДУИ ја истакна потребата од морална и институционална одговорност по трагичниот настан во Кочани.
– Ако сте свесни за тежината на вашата одговорност, дадете пример кој оваа држава треба да го види – поднесете оставка, рече Пашоли.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, опозицијата ја користи интерпелацијата како средство за одбрана на криминалците, а според Александар Велјановски, интерпелацијата е затоашто следат истраги и за трагедиите со „Беса транс“ и модуларната болница во Тетово, .
– Интерпелација на Панче во овие моменти е ништо повеќе од заштита на криминалот и убијците, рече Јаулески.
Сличен став изнесе и Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ според кја вистинскиот страв од опозицијата е токму во тоа што министерот нема да прикрие криминал.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски обвини дека има многу неискреност во оваа интерпелација и оти не станува збор за почит кон жртвите во Кочани, туку за директен политички бенефит.
– Овде не се работи за почит на жртвите, туку за директен политички бенефит. Истрагата ја води Обвинителството, 44 дена од трагедијата до овој момент има 70 обвинети лица и поднесени се пет кривични пријави, до крајот на истрагата ќе бидат повикани на одговорност сите кои се вмешани, рече Стојановски.
Тој обвини дека поентата на овие партии е медиумска сензација и нагласи дека има три вистински причини за интерпелацијата посочувајќи дека првата се токму успешното справување со криминалитетот кој за време на Тошковски е намален за 4,8 проценти, но и за врховен судија .. се еднакви пред правдата.
– Втората е одговорноста – одговорност ќе има, ќе има анкетна расправа за Кочани, но и за Ласкарци, за модуларната болница. За моралната одговорност ќе каже народот дали некој има морална одговорност за да ја врши правдата, ќе излезе на виделина, рече Стојановски.
Министерот Панче Тошковски, во својата одбрана, ги обвини токму коалиционите партнери на опозицијата за години на системска негрижа. Рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми.
– Пред вас не стојам како министер, туку како човек кој ја разбира тежината и одговорноста што ја носи функцијата. Ќе зборувам како личност што носи одлуки, но и како татко, и како министер, и родител. Дозволете ми да кажам дека жалам за секој изгубен живот, рече Тошковски, додавајќи дека секоја дилема заслужува одговор базиран на факти, а не на политички конструкции.