
За неколку часа ќе бидат познати првите патници во 1/4 финалната рунда од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони. Од прикажаното во првите меѓусебни дуели, најголема неизвесност и борба до последниот судиски свиреж се очекува на „Енфилд“ каде Ливерпул со предност од еден гол го стартува реванш осминафиналниот дуел против францускиот гигант ПСЖ.
На прв поглед нема ништо чудно кога е во прашање предноста на „црвените“, но тие кои го следеа дуелот на „Паркот на принцовите“ добро знаат дека ПСЖ доминираше од првата до последната минута, упатија 28 удари кон противничкиот гол, и незаслужено беа поразени.
Затоа, за очекување е ПСЖ да нападне од првата минута, а од Ливерпул се очекува да одигра далеку подобро во споредба со првиот дуел.
-Шутнаа еднаш и постигнаа гол. Нивниот најдобар играч беше голманот. Чудно е, но моите фудбалери знаат дека сум горд на нив. Бевме многу подобри од Ливерпул на првиот натпревар, а ќе видиме како ќе биде на реваншот. Пресврт на ‘Енфилд’? Секако дека можеме до него. Ќе успееме, изјави предводникот на ПСЖ, Луис Енрике.
Најблиску до следната елиминациска рунда е тимот на Баерн (М) кој со предност од три гола го стартува реванш дуелот против ривалот од бундеслигата, Баер од Леверкузен.
-Ништо не е готово додека навистина не биде готово. Како што јас кажав, како што и некој пред мене има кажано, се може да се случи. Мора така да размислуваме и ако добиеме и најмала шасна, ние мора да се бориме. Имаме сила за да се спротиставиме, за да се бориме. Нема толку лесно да се предадеме, веруваме во позитивен резултат. Три гола? Никогаш не се знае, но еден гол може да промени многу работи, изјави тренерот на „фармацевтите“, Чаби Алонсо.
Италијанскиот калчо гигант Интер игра на домашен терен и тешко дека ќе ја прокоцка предноста од два гола која ја има од првиот дуел против холандскиот претставник Феенорд, а со предност од еден гол каталонскиот гигант Барселона ја стартува реванш пресметката против португалскиот претставник Бенфика.
ДЕНЕСКА НА ПРОГРАМАТА: Ливерпул – ПСЖ (1:0 прв натпревар), Леверкузен – Баерн М. (0:3), Барселона – Бенфика (1:0), Интер – Феенорд (2:0).