Шпанскиот фудбалски гигант, екипата на Барселона, има сезона од соништата, се бори на три фронта и лесно може да дојде до „триплета“ доколку продолжи во ист ритам. Но, на минатиот меч, против Селта кој го доби Барса со 4:3, Роберт Левандовски се здоби со повреда која ги загрижи сите во Каталонија.
Иако сè уште нема официјални информации околу тежината на неговата повреда, шпанските медиуми пишуваат дека Левандовски ќе ги пропушти натпреварите против Реал Мадрид и Интер, што секако би било голем удар за тренерот Ханси Флик.
Предводникот на Каталонците изјави дека Левандовски е на лекарски прегледи, од каде што ќе биде позната тежината на неговата повреда, односно колку ќе отсуствува од теренот. Инаку, тој беше заменет на првенствениот натпревар против Селта, во последните минути од натпреварот. Тој ја фати левата бутина додека седеше на теренот, а потоа реагираше Флик.
Барселона ја совлада Селта со 4:3, со голот на Рафиња од пенал во осмата минута од судиското надополнување.
Инаку, Левандовски е најдобар стрелец на Барселона оваа сезона со 40 погодоци, од кои 25 во Ла Лига, каде што е најдобар стрелец.
Каталонскиот тим има тежок распоред во наредните денови, а на 26 април е закажано финалето на Купот на кралот против Реал Мадрид. Четири дена подоцна ќе го игра првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против тимот на Интер.