Американската поп-пејачка Кети Пери наскоро ќе лета во вселената заедно со уште неколку жени, меѓу кои и свршеницата на Џеф Безос, Лорен Санчез, објави вселенската компанија „Блу ориџин“.
Засега нема точен датум на летот, но од компанијата најавија дека тоа ќе биде напролет.
Пери тргнува на светска турнеја на 23 април, па летот би требало да се случи пред тоа.
„Да ми кажевте дека ќе бидам дел од првиот целосно женски екипаж во вселената, ќе ви поверував. Ништо не беше надвор од мојата фантазија како дете“, рече Пери во изјавата цитирана од „Њусвик“ (Newsweek).
Тоа ќе биде 11-ти лет со екипаж на „Блу ориџин“, компанија која веќе неколку години нуди летови за вселенски туризам благодарение на својата ракетата „Њу шепард“.
Покрај Кети Пери и свршеницата на Безос, во вселената ќе летаат и филмската продуцентка Кериен Флин, како и основачката на невладина организација која се бори против сексуалното насилство, Аманда Нгијен.
За време на летот, кој трае неколку минути, патниците можат да се откачат од своите седишта и накратко да лебдат во нулта гравитација.
Целосно автоматизираната ракета полетува вертикално и капсулата се одвојува во лет пред да се врати на Земјата, забавена од падобрани и ретро-погонско гориво. Цената на билетите се чува во тајност.
Главниот конкурент на „Блу ориџин“ за овој тип на летови е „Вирџин Галактик“, кој нуди слично искуство.