Гламурозно славење за долго сеќавање! Лепа често пее и кај нас, во Македонија, тука има и многу пријатели, а со големиот хит „Срце је моје виолина“ го одбележа роденденот. Нејзината добра пријателка од Дубровник, славната Тереза, ѝ порача да остане насмеана бидејќи така е најмила и никогаш повеќе да го крие со ролки својот многу сексапилен врат
–
За неа со причина велат дека е кралица на народната музика, онаа убавата изворна, а тоа е пејачката Лепава Лепа Лукиќ. Народот ја слави и ја сака повеќе од 60 години, особено кога ќе го запее својот мегахит, „Срце је моје виолина“. На времето ѝ беше голема конкурентка на легендарната Силвана Арменулиќ, па честопати новинарите се обидуваа да ги скараат за да има забава за широките народни маси.
Лепа Лукиќ отсекогаш беше и остана мамка за публиката. И со својата физичка појава, и со своето бесрамно кажување мрсни вицови, но и со комарот за кој трошеше огромно богатство. Сепак, никогаш нема да прежали што не стана биолошка мајка, иако има внуци од родениот брат во кои ја гледа смислата на својот живот и на кои сè ќе им остави, кога ќе замине на оној свет. Голем љубител е на животните! Дома чува расна мачка за која знае да каже дека ѝ е како ќерка.
Славната пејачка, која сè уште често настапува и кај нас, во Македонија, но во помали концертни сали, завчера гламурозно го прослави својот 85. роденден.
–
– Навистина многу години поминаа, сè и сешто претурив преку глава. Сега сакам да се сеќавам само на среќните денови, сè лошо да заборавам. Особено некои мажи кои ми доаѓаше да ги задавам, бидејќи ми одеа на нерви со своето однесување кон мене – објаснува Лепа низ смеа.
За роденденот, Лепа Лукиќ доби голема, атрактивна торта со иницијалот Л, огромни балони, многу свежи цвеќиња, но и вистинска кралска круна, бидејќи е, нели, кралица на песната! На прославата присуствуваа многу нејзини пријатели, колеги, роднини, дури и некои комшии и на сите им раскажа неколку интересни случки, како и на присутните новинари.
– На почетокот од мојата кариера, бев ужасно искомплексирана, убедена дека природата ми подарила машки врат и машки раце. Секогаш носев ролки и кошули, но и маици со долги ракави, дури и на високи температури. Се случи, ненадејно на еден концерт, да пеам заедно со популарната Тереза Кесовија, која го гледаше мојот настап од зад сцената. И тогаш бев облечена во црна, вечерна ролка и во фустан со долги ракави. Кога завршив со пеењето, се вратив во гардеробата во која, како фурија, влета Тереза, викајќи по мене:
„Долго време те следам така камуфлирана на сцената. Ова да ти е последен пат да ги криеш вратот и рацете! Не си свесна колку ти се сексапилни на твоето нежно тело“. И ми ја искина ролката, ми ги искина долгите ракави, велејќи ми: „Еве вака ќе излегуваш пред публиката. Со секси деколте, со гол врат и со голи раце“. Јас останав во чудо, без зборови од тоа што ме снајде, занемена од реакцијата на темпераментната Тереза.
Меѓутоа, набргу ја послушав. Веќе на наредниот концерт излегов со длабоко деколте и со голи раце сè до рамената. Во тоа време, тоа беше скандал, но и голема физичка промена за мене. Немав веќе комплекси и потоа често се сликав со разголено деколте, разубавувајќи ги насловните страници и музичките ТВ-емисии. Благодарение на Тереза, која ми ги отвори очите. А, во оваа свечена пригода да ви кажам дека добив роденденска честитка од Тереза. По брза пошта, огромен букет цвеќе, со желби да имам здравје и да останам така насмеа, бидејќи сум, како што ми кажа, најмила кога се смеам. Себеси си посакав сè најдобро, бидејќи ако не се сакаш себеси, не ги сакаш ни другите – задоволно раскажа Лепа, кралски славејќи го 85. роденден. Д.М. фото:архива,ФБ,И.Вучиќевиќ