Фолк-кралицата, како што милозвучно ја ословуваат, пејачката Лепа Лукиќ, која неодамна наполни 85 години, веќе е 23 години во официјална пензија. Но таа воопшто не мирува. Пее, има концерти, учествува на музички настани и на понекој фестивал ама само како специјална гостинка. Верува во младите пејачи, со нив постојано другарува.
– Јас немам врска со пензионерките. Не одам по фризерски салони да слушам муабети за тоа кој на кого му е љубовница, тоа не допира до мене. Што му е некому гајле со кого спие во кревет? Доволно сум остарена, ништо веќе не барам од животот. Ниту сакам да се интересирам за туѓите животи. Од се сум задоволна. Психички сум подготвена да заминам на оној свет. Се надевам дека ќе ме памтите по убавите песни.
Сега додека уште дишам морам да ви се пофалам со тие три мои пензии, за кои сешто се зборува. Немам ништо од парите покрадено. Заслужено си ги заработив. Националната пензија ја добив од мојата држава Србија како истакнат естраден српски уметник. Втората пензија ми е онаа која ја заработив по основа на работен стаж и изнесува околу 110 илјади динари. Третата пензија ми е од државата Канада. Таа ја наследив од мојот починат сопруг и изнесува околу 1.300 евра. Ете, така. Не треба никој да ми биде љубоморен.
Нека помислат сите само на тоа дека јас свои деца немам и дека тие пари, логично ќе им ги оставам на децата од мојот роден брат.
Нешто пари ќе добие и оној кој по мојата смрт најискрено ќе се грижи за мојата мачка Маза, на која уште и е рано за умирање, раскажа Лепа, брзајќи се да се подготви за еден важен настап. На популарната пејачка треба да ѝ ја доделат наградата за најмногу испеани фолк-евергрини, а пред сè тоа се однесува на песната „Срце је моје виолина“. Д.М.