Беше потребна точно една недела одлуката на Владата за набавка на осум хеликоптери за Армијата, вредна 230 милиони евра, да се најде на дневен ред пред Државната комисија за спречување на корупција откако во јавноста беа упатени критики дека такви милионски набавки треба да се остават за идната влада по изборите, како и дека била избрана поскапата понуда.

Татјана Димитровска, претседателката на комисијата, потврди дека тие отвориле предмет за овој случај, но и за уште неколку актуелни случаи поврзани со набавки или активности пред изборите.

„Отвораме предмети на сопствена иницијатива, по допрен глас од медиумите, за актуелни случаи пред избори”,изјави денеска Димитровска за Радио Слободна Европа.

До ставањето под опсерваторија на хеликоптерите што Македонија планира да ги набави од Италија од фирмата „Леонардо“, доаѓа во момент кога во државава има техничка влада и откако нејзините надлежни претставници излегоа со уверувања дека набавката на потребната опрема за модернизација на армијата е чиста како солза.

Хеликоптерите се најдоа како предмет пред антикорупционерите зашто се поврзани со забрани околу тоа што смеат, а што не смеат да прават функционерите и институциите по 14 февруари, денот кога претседателот на Собранието, Јован Митрески, ги распиша претседателските и парламентарните избори, закажани за 24 април и за 8 мај.

Забраните се определени во Изборниот законик и во Законот за спречување на корупцијата каде што се регулираат условите за нови инвестиции, вонредни исплати, вработувања и слични други активности во изборен период.

Инаку, Владата на 12 март соопшти дека Министерството за одбрана ќе набавува транспортни хеликоптери по пат на договор меѓу Владата на Македонија и Министерството за одбрана на Италија.

Овластена за набавката на транспортни хеликоптери е министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која треба да го потпише аранжманот помеѓу Министерството за одбрана на Македонија и Министерството за одбрана на Италија, за соработка во полето на воената хеликоптерска авијација.

Таа за набавка на хеликоптерите првично информираше на брифинг со новинарите минатата недела кога рече дека постапката за избор на компанијата е почната од оглас објавен во 2019 година.

Додека власта излегуваше со уверување во исправноста на одлука за набавката на хеликоптерите потребни за модернизација на армијата, во дел од медиумите имаше информации дека на тендерот за хеликоптерите се пријавиле само двајца понудувачи со драматично различни понуди во цената и дека била избрана поскапата понуда, а опозициската ВМРО ДПМНЕ посочи, дека на неколку недели пред избори, во период на техничка влада, надвор од секое нормално однесување е СДСМ и ДУИ да вршат избор на тендер тежок 250 милиони евра и оценуваат дека за тоа треба да одлучува идната влада.

-Наместо борбени хеликоптери, власта набавува транспортни, со што не ја зголемува борбената готовност на АРМ. Дополнително никој не знае како е избрана фирмата „Леонардо“, и зошто не се избрани другите компании меѓу кои американска компанија или германско-француски конзорциум. Како е извршен изборот и кој ја донел одлуката што всушност да се набави? Наместо трошење на 250 милиони евра пред избори, да се стопира набавката и по неа да одлучува идната влада, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, меѓутоа тогаш возврати дека нема никаква корупција во одлуката за купување на осумте хеликоптери од италијанската компанија „Леонардо“

– Двете влади на Северна Македонија и на Италија имаат склучено договор и обвинувањето за оваа компанија значи и обвинување кон Италија, што и дипломатски е недозволиво. Италијанската компанија „Леонардо“, во понудата од 230 милиони евра, има дадено и пакет за одржување на хеликоптерите. Предвидени се обука за пилотите што ќе ги летаат и изградба на сместувачки капацитет, кој ќе биде дел од воздухопловниот ВИНГ во касарната „Петровец“ – изјави Петровска.

Договорот меѓу Македонија и Италија за хеликоптерите, според најавите од Министерството за одбрана, требаше да биде потпишан деновиве, а се очекува хеликоптерите да пристигнат во периодот од втората половина на 2026 до крајот на 2028 година.

Инаку, пред членовите на ДКСК освен тендерите за хеликоптерите, ќе се најдат и тендерот за набавката 22 амбулантни возила на Министерството за здравство и уште 13 други предмети поврзани со изборите.

Меѓу 13. предмети во Антикорупциска комисија, поврзани со изборите, дел од нив се однесуваат и за незаконски вработувања, вонредни исплати на додатоци на плата, предвреме почната кампања, како и ангажирање лица за договор на дело.

М.С.